Париз и Берлин мора да истраат на проектот „Идни европски борбени авиони“ (FCA) и покрај несогласувањата меѓу производителите, изјави денеска францускиот претседател Емануел Макрон.
„Компаниите за производство на оружје, од двете страни, го преземаат водството. Затоа е на нас да останеме на курсот на она што го сметаме за во заеднички француско-германски интерес и да продолжиме да работиме на заеднички решенија“, рече тој во интервју за Франкфуртер Алгемајне Цајтунг (FAZ).
Проектот Иден борбен воздушен систем (FCAS), кој во 2017 година го покренаа Ангела Меркел и Емануел Макрон како водечки пример на одбранбена соработка меѓу двете земји, пред да им се приклучи и Шпанија, има за цел да ги замени францускиот „Рафал“ и германскиот и шпанскиот „Јурофајтер“ до 2040 година.
Минатата недела неименуван француски функционер изјави дека Франција има капацитет самата да направи ловец од шестата генерација, доколку не се постигне договор со Германија и Шпанија, што укажува на можен неуспех на најголемиот проект на одбранбена соработка во Европа.
Берлин и Мадрид се особено огорчени на ставот на францускиот производител на авиони „Дасо“ (Dassault), кој бара поголема автономија во својата улога на индустриски главен изведувач на работите, за што беше одреден од трите држави.