Макрон подготвува дипломатска бомба: Франција ќе ја признае Палестина и ќе предизвика „цунами“ на светската сцена

Франција е на чекор да ја признае Палестина како држава – потег што, според специјалниот советник на претседателот Емануел Макрон за Блискиот Исток, Офер Бронхтајн, ќе предизвика „мало дипломатско цунами“.

Во интервју за „Еурактив“, Бронхтајн истакнува дека Париз не е непријател на Израел, иако таму се врши жестока демонизација на планот. Напротив, според него, признавањето на палестинска држава ќе ја зајакне безбедноста на Израел, бидејќи изолацијата на земјата носи ризик и за нејзините граѓани и за Евреите ширум светот.

„Франција е голема сила, членка на Советот за безбедност на ОН и на Г7. Кога ќе се помести, ќе повлече со себе и други – Обединетото Кралство, Канада, Австралија, Белгија… Тоа е дипломатско цунами“, нагласува Бронхтајн.

Тој додава дека уште во 2020 година го повикал Макрон да го направи овој чекор, убедувајќи го дека ако Палестина била признаена пред нападите на 7 октомври, тие немало ни да се случат. „Со државноста доаѓа одговорност“, вели Бронхтајн, нагласувајќи дека за разлика од Хамас, Палестинската самоуправа, и покрај слабостите, има интерес да ги заштити своите граѓани.

Одлуката на Макрон во Израел се прима многу лошо. Критичарите тврдат дека тоа ќе ја охрабри терористичката организација Хамас и ќе ги зголеми ризиците. „Комуникациската машина на Нетанјаху сака да убеди дека признанието е награда за Хамас, што е целосна лага“, тврди Бронхтајн, кој вели дека добил и смртни закани поради својот став.

Советникот предупредува: ако Израел продолжи со војната против веќе признаена држава, ќе следуваат меѓународни санкции. „Се надевам дека израелската влада ќе сфати – оваа војна за одмазда им штети на сите“, порачува тој.

Зачлени се на нашиот е-билтен