Макрон ѝ се закани на Кина со царини доколку не го намали трговскиот вишок со ЕУ

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека за време на неговата неодамнешна посета на Кина ѝ се заканил на кинеската влада со воведување царини, доколку Пекинг не преземе мерки за намалување на сè поголемиот трговски вишок со Европската унија.

Макрон, кој престојуваше во Кина во декември, ги повикал кинеските лидери на поголема соработка околу, како што ги опиша, „неодржливите“ глобални трговски нерамнотежи, како и околу геополитички прашања и заштита на животната средина.

„Им објаснив на Кинезите дека нивниот трговски вишок е неодржлив, затоа што ги уништува нивните сопствени потрошувачи – особено затоа што веќе не увезуваат многу од нас“, изјави Макрон за францускиот дневник Les Echos.

Тој додаде дека, доколку Кина не реагира, „Европејците во следните месеци ќе бидат принудени да преземат силни мерки, по примерот на САД – вклучително и воведување царини на кинески производи“.

Според податоците, трговскиот дефицит на ЕУ со Кина од 2019 година пораснал речиси 60 проценти.

Макрон одамна се залага за поцврст европски пристап кон Пекинг, охрабрувајќи ја Европската комисија да воведе протекционистички мерки за да го забави увозот на кинеска стока што врши притисок врз европската индустрија.

Претседателот на Франција истовремено ги повика и кинеските компании да инвестираат во Европа и да „создаваат вредност и нови можности за европските економии“.

Зачлени се на нашиот е-билтен