Малта денеска и утре е домаќин на нови преговори за Украина, што ќе се одржат зад затворени врати, на кои нема да присуствува Русија. Toа е трета таква сесија, на која ќе учествуваат претставници на повеќе од 55 земји. Состанокот следи по слични средби одржани летово во Џеда и во Копенхаген, објави Еуроактив.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски се надева дека средбата во Малта ќе даде поддршка за неговиот план од 10 точки за ставање крај на војната што избувна по руската инвазија во февруари 2022 година.
„Украинската мировна формула“ од 10 точки на Зеленски повикува на обновување на територијалниот интегритет на Украина, повлекување на руските трупи, заштита на снабдувањето со храна и енергија, нуклеарна безбедност и ослободување на сите затвореници.
На списокот на учесници се наоѓаат и претставници на Турција, Бразил, Индија и Јужна Африка, кои ги задржаа своите врски со Русија.
Организаторите сметаат дека состанокот на Малта би можел да биде првиот што ќе подготви и прифати заедничка декларација од страна на државите и институциите учеснички, обезбедувајќи прв меѓународен консензус за принципите кои ќе го засноваат идниот процес. Претходните две средби завршија без таков документ.
Меѓу учесниците се САД, ЕУ, Велика Британија и други. Кина не го потврди своето присуство.
Се очекуваат и претставници од различни земји како Австралија, Бахреин, Грузија, Јапонија, Кувајт, Мексико, Катар, додека некои земји како Бразил, Чиле и Тајланд се очекува да се приклучат онлајн на разговорите.. Разговорите ќе се фокусираат на пет области – безбедност на храната, нуклеарна безбедност, хуманитарни прашања, обновување на територијалниот интегритет на Украина и енергетска безбедност.
Состанокот на Малта, кој следи по слични собири во Копенхаген во јуни и во Џеда во август, забележа дека бројот на присутни земји се зголеми од 15 на околу 43, а сега на повеќе од 50.
Украинските власти сметаат дека растечката листа на учесници, која ги опфаќа сите континенти, е знак на глобална поддршка за процесот, бидејќи прифаќањето од тие земји, особено од глобалниот југ, се смета за клучен услов за одржување на самит. Зеленски рече дека сака да организира таков Глобален самит за мир пред крајот на годината, но украинските и западните власти признаваат дека тоа може да се случи само кога ќе постои сигурност за најширока можна поддршка.