МАНУ контра Коцарев: Претседателството ги отфрли наводите и застана зад Попов

Претседателството на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) соопшти дека јавно објавениот авторски текст на академик Љупчо Коцарев во дневниот весник „Нова Македонија“ нанел „голема штета“ и го нарушил угледот на институцијата, поради што настапот го оценува како непримерен и невообичаен за досегашното функционирање на Академијата.

Реакцијата доаѓа по колумната на Коцарев од 24 јануари 2026 година, во која тој директно му се обраќа на актуелниот претседател на МАНУ, академик Живко Попов, и бара да ја напушти функцијата. Во текстот Коцарев тврди дека состојбите во Академијата се влошени и дека „разумот и словото на правото“ подолго време не се присутни во институцијата, наведувајќи и дека претседателот како законски застапник има обврски кон Државниот завод за ревизија во врска со документацијата и информациите потребни за спроведување ревизија.

Претседателството на МАНУ, пак, соопшти дека со „индигнација“ во целост ги отфрла наводите од написот како неаргументирани и невистинити и изрази „целосна поддршка“ за работата на претседателот Попов. Во соопштението се наведува и дека Коцарев, како член на претседателството, имал и има можност своите ставови да ги изнесува во телата на Академијата согласно статутарните процедури и да ги брани во духот на аргументирана расправа.

Со ова јавно препукување, спорот од внатрешните академски кругови излезе во јавноста како директен судир меѓу поранешен и актуелен прв човек на МАНУ, со спротивставени тврдења: едниот дека институцијата е во сериозна институционална и правна криза, другиот дека таквите обвинувања се без основ и штетни за угледот на највисоката научна и уметничка установа во државата.

Зачлени се на нашиот е-билтен