Македонија е во предност во однос на макроекономската стабилност, бизнис климата, но и во усвојување на информациско-комуникациските технологии, а најслаби сме во доменот на институциите, смета академик Таки Фити, кој се обрати пред почетокот на научната конференција на тема „Забрзување на процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ: Клучни предизвици и приоритети“ во организација на Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ во соработка со Министерството за финансии и Секретаријатот за европски прашања.
„ Исто, постои еден ограничувачки фактор, тоа е големината на пазарот, на којшто исто така може да се дејствува. Имаме сериозни слабости во системот на образование, на сите степени и ако го гледате високото образование работите се вратени и се полоша ситауција од раните транзициски години. Кризата со Ковид-19 ги покажа слабостите на здравствениот систем. Имаме проблеми со иновациската политика која е во својот зародиш – смета Фити.
Според него, темата е извонредно значајна, таа има висока важност, а тоа се покажува и со фактот што во трите области за коишто денес ќе се дискутира пријавени се 35 научни трудови со негде околу 50 учесници. „Во економскиот дел имаме 18 теми и негде околу 30 учесници“.
„Тука ќе почнеме да дискутираме и да расправаме најпрво за клучните економски критериуми за забрзување на пристапувањето на македонија во ЕУ, посебно ќе зборуваме за продуктивноста, конкурентноста – тоа се две области во кои имаме многу сериозни проблеми на патот кон ЕУ, но ќе отвориме и многу други теми како фискалните предизвици во европски контекст и тоа на централно и на локално ниво, ќе разговараме и за проблемите на економскиот раст и развој, состојби, пречки, перспективи. Исто така има многу важна тема за која ќе расправаме, конвергензијата, односно приближувањето кон стандардите на ЕУ, на висината на доходот и ценовната конвергенција. Ќе расправаме и за еден многу значаен елемент, тоа е зелената или еколошката транзиција“ – додаде Фити.
Препорака на академиците е трудовите кога ќе ги подготват, што ќе бидат објавени во посебен зборник, место заклучни согледувања, да содржат конкретни, јасни препораки до креаторите на политиките што е она што треба да направиме.
„Со оглед на тоа што јас очекувам и во економските и во другите делови дека ќе ги детектираме јасно слабостите каде што имаме некаков релативен напредок и предности, но исто така областите, секторите каде што имаме лоша состојба, дури и полоша во некои сектори од раните транзициски години и да предложиме конкретни мерки како тоа да се надмине“, рече Фити и најави дека тој зборник ќе биде доставен и до Владата и ќе биде добра основа за формирање експертски тим, кога ќе се отвори процесот на преговарање.
Според него „релативна предност имаме во доменот на макроекономската стабилност, таа со години е таква, сега инфлацијата го наруши малку тој статус, но е една од посилните страни. Бизнис климата, според индикаторите на меѓународните институции е исто така од подобрите, а предност имаме и во усвојување на информациско-комуникациските технологии“.
„Најслаби сме во доменот на институциите. Исто постои еден ограничувачки фактор, тоа е големината на пазарот, на којшто исто така може да се дејствува. Имаме сериозни слабости во системот на образование, на сите степени и ако го гледате високото образование работите се вратени и се полоша ситауција од раните транзициски години. Кризата со Ковид-19 ги покажа слабостите на здравствениот систем. Имаме проблеми со иновациската политика која е во својот зародиш“, вели Фити.
Смета дека регионалната соработка е многу значаја, поради близината, иако тоа не може да биде замена за членство во ЕУ, сепак вели отсекогаш, интензивирањето на регионалната соработка, го забрзува процесот на пристапување кон ЕУ. Иако, вели Фити, во поглед на конкурентноста Македонија и скоро да влезе во ЕУ, ќе има големи проблеми, бидејќи во однос на конкурентноста сме дури на 82 место меѓу 141 земја, а кај продуктивноста имаме исклучително лоша ситуација мерено по сите индикатори и по БДП по работник и по новокреирана додатна вредност по работник и кај вкупната факторска продуктивност. Тука заостанувањето е меѓу 2,5 и 4 пати во однос на европскиот просек, без споредба со високоразвиените земји.