Маричиќ: ДИК ќе ја продолжи традицијата на фер и демократски избори

Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Новиот состав на Државната изборна комисија денеска даде свечена изјава пред претседателот на Собранието Африм Гаши, со што формално започна мандатот на телото што ја води и надгледува изборната администрација во земјава.

Претседателот на ДИК, Бојан Маричиќ, во обраќањето во име на Комисијата се заблагодари за двотретинската поддршка во парламентот, посочувајќи дека изборот носи „сериозна одговорност и доверба“ што мора да се оправда. Тој нагласи дека во последната деценија ДИК „била на ниво на задачата“ и дека фактот оти немало поголеми проблеми со изборните процеси гради институционална традиција и меморија која, како што рече, ќе продолжи да се негува.

Паралелно со тоа, Маричиќ информира дека од претседателот на Собранието биле поканети да се вклучат во работната група за Изборниот законик, во период кога на маса се и опцијата за измени и можноста за целосно нов законски текст. Според него, ДИК ќе учествува за да придонесе решението да биде поквалитетно и применливо во практика, имајќи предвид дека Комисијата најдиректно се соочува со „теренските“ последици од секоја законска одредба.

Новиот состав на ДИК го сочинуваат Бојан Маричиќ (претседател), Абдуш Демири (потпретседател) и членовите Александар Даштевски, Ангелчо Ристов, Светлана Карапетрова, Борис Кондарко и Дитмире Шеху.

Зачлени се на нашиот е-билтен