„Кога е во прашање Северна Македонија, исклучително важна порака од пакетот за проширување и наодите во извештајот е дека не смееме да си дозволиме да ги пролонгираме роковите кои се јасно определени“, истакна во своето обраќање вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, на прес конференцијата по повод Извештајот на Европската Комисија за напредокот на земјата во евроинтегративниот процес заедно со шефот на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, амбасадорот Гир.
Маричиќ потенцираше дека „и покрај опструкциите на опозицијата, Северна Македонија продолжува да ги исполнува условите за продолжување на преговорите за членство“.
Вицепремиерот нагласи дека „земјата ги продолжува напорите за ЕУ реформите и секојдневно работи на исполнувањето на европските стандарди, што е нотирано и со овој најнов Извештај за реформскиот напредок за Северна Македонија“.
„Ги прифаќаме укажувањата во извештајот и ги сметаме за важен показател за нашиот напредок. Процесот на европска интеграција е прашање околу кое треба да имаме обединет пристап, бидејќи темпото на реформите најмногу зависи од нашата посветеност, искрен пристап и широкиот консензус во општеството. Одлагањето или ставањето во неизвесност на преговорите и на членството на Северна Македонија во ЕУ го става во неизвесност и реформскиот процес според ЕУ стандарди“, посочи вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ.
Маричиќ истакна дека нема никакви дилеми дека одлуката е во наши раце и дека само од нас ќе зависи секој следен чекор во процесот и динамиката на преговорите.
„Во исклучително сложени геополитички околности и регионални тензии, и со внатрешната неизвесност околу продолжувањето на овој европски интеграциски процес, прифаќањето на уставните измени остануваат предуслов кој не може да го прескокнеме“, потенцираше Маричиќ.
Маричиќ укажа дека е „лажна приказна, мит, но и неодговорна и опасна политичка позиција дека Северна Македонија може да постигне подобар договор во иднина“.
„Она што е особено важно е констатацијата на Комисијата дека процесот на скринингот се одвива непречено, а земјата и Владата покажуваат високо ниво на посветеност. Уверен сум дека со национален консензус и максимално вложување на Владата како носител на преговорите, администрацијата, граѓанското општество и сите други засегнати страни, ќе ја исполниме заложбата да бидеме подготвени за полноправно членство во Унијата до 2030 година“, нагласи вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, на прес конференцијата по повод Изверштајот на Европската Комисија за напредокот на земјата во евроинтегративниот процес заедно со шефот на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, амбасадорот Гир.