Меѓународниот ден на Ромите е добар повод да истакнеме дека Северна Македонија креира позитивни приказни за едно инклузивно општество еднакво за сите, напиша на социјалните мрежи вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ.
„Ромите, заедно со сите други народи и заедници во земјата се дел од една таква приказна. Приказна што ја слави различноста како украс, како богатство на едно општество еднакво за сите. Заедно со Ромите постојано работиме на подобрување на благосостојбата на ромската заедница“, порачува Маричиќ.
Заменик претседателот во Владата задолжен за европски прашаеа уште потсетува дека „Владата постигна четирикратно зголемување на стипендиите, кои до 2016 година беа во мал број, а во делот на средношколшските стипендии, само во Општина Шуто Оризари доделени се над 900 стипендии и истите се за 20 отсто повисоки. Постигнавме и Ромите да можат преку различните мерки во државата да аплицираат за самовработување, основање за свој бизнис или да го формализираат својот бизнис кој што порано го имале, да основаат фирми, да се вработат и вработуваат други“.
„Квалитетот на животот и рамноправната интеграција на Ромите во македонското општество, а преку него и во поширокото европско семејство останува наш врвен приоритет, бидејќи кога е Добро за Ромите, добро е за сите!“, напиша Маричиќ по повод Меѓународниот ден на Ромите.