На прагот на Новата 2024 година да си посакаме година на верба, слога и оптимизам. Со взаемна почит да ја направиме годината што доаѓа подобра за сите. Секој наш чекор да го мериме низ благосостојба на младите и идните генерации, истакна заменик претседателот на Влада за европски прашања, Бојан Маричиќ во новогодишното обраќање до граѓаните.
Тој порача во претстојната година водечка мотивација да биде ставањето крај на неизвесноста по однос на продолжувањето на преговорите со Европската Унија.
-Отворањето на поглавјата ќе ни донесе нивно заокружување за околу четири години и потоа официјално членство во ЕУ, најдоцна до 2030 година. Тоа е нашиот заеднички пат кој ни носи сигурност, економски напредок, благосостојба и извесност за сите нас и за државата. Ние веруваме дека судбината на Европејците, а тоа сме и ние Македонците и на сите граѓани, е испреплетена и дека Европската Унија е нашата иднина за која вреди да се бориме, посочи Маричиќ.
Посака новата година да биде година на обновен политички консензус за Европската Унија.
-Би сакал да упатам голема благодарност за посветената работа на вработените во Секретаријатот за европски прашања, сите вклучени институции, релевантните министерства и други институции, како и експертите кои вредно работеа на скринингот и беа од најголем придонес за успешниот исход. Особено благодарен сум на граѓаните и медиумите што со интерес и посветеност го следат овој процес. Членството во ЕУ многу ни значи и многу вреди. Затоа треба со заеднички консензус и обединување околу евроинтеграциите, да ги направиме и уставните измени, порача Маричиќ.
Според него со остварување на таа цел ќе биде направен патриотски чин кој ќе придонел за подобар живот и држава по европски стандарди.
-Новата 2024 година нека донесе мир и заедништво во македонското општество. Да бидеме со поглед напред, да се чуваме и поддржуваме еден со друг. Само на тој начин сме успевале. Верувам, посакувам и работам за тоа, за нов голем, заеднички македонски успех. Празничните денови нека поминат во радост, здравје, среќа и благосостојба. Среќна Нова 2024 година!, вели Маричиќ во четитката.