Центарот за напредни истражувања од Скопје во партнерство со меѓународни органиации од Азербејџан, Турција и САД, денеска во Битола, а утре и во Охрид, одржува меѓународна научна конференција на тема „Промоцијата на „меката моќ“ (Soft power) културата, културното наследство, животната средина, туризмот или друга човечка димензија за одржлив и меѓукултурен развој “.
Учесниците на конференцијата, преку видео обраќање ги поздрави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, кој истакна дека европската дипломатија ја поседува токму „меката моќ“, која ја прави да биде важен партнер во меѓународните односи.
– Политиката на проширување ја прави Унијата исклучително значаен безбедносен, но и политички проект. Со привлекување нови членки и сојузници преку споделување на европските вредности и создавање на заеднички европски идентитет. Проширувањето е една од најмоќните политички алатки на ЕУ за постигнување мир и просперитет, слобода и демократија. Затоа Европската Унија е токму тоа – заедница на суверени држави поврзани за просперитет и во слобода и демократија, истакна Маричиќ.
Додаде дека мисијата на мирно обединување на Европа врз основа на слободно изразената и суверена волја на секоја земја што сака да биде дел од ЕУ е внимателно управуван процес на пристапување врз три клучни принципи, консолидација, условеност и комуникација.
– Најважната новина е Планот за раст на економиите на земјите кандидати за агендата за проширување до 2030 година. Со вкупен буџет од 30 милијарди евра, од кои 6 милијарди се алоцирани за поддршка на економиите на Западен Балкан, Планот за раст има за цел да воведе дополнителна динамика во евроинтегративните процеси на земјите од регионот. Планот за раст е јасна финансиска и политичка инвестиција на Европската Унија во регионот на Западен Балкан и Северна Македонија. Брисел сака да ја види нашата земја во европското семејство. Тоа е подадена рака за забрзување на процесот за членство до 2030 година. Како дел од стратегијата на вредностите на меката моќ, ова е одлична, всушност, една од најреалните можности за да се забрза растот на регионот и пристапувањето кон ЕУ. Стратегијата на меката моќ подразбира дека низ широк ангажман и вклучување на сите општествени актери, членството во ЕУ останува консензуален израз на волјата на народот за да бидеме дел од најуспешниот политички, мировен и безбедносен проект во Европа и во светот по втората светска војна, истакна вицепремиерот Маричиќ.
На дводневна меѓународна научна конференција „Охрид – Водици 2024“ има 58 учесници кои доаѓаат од 11 држави и кои утре своите трудови ќе ги презентираат во просториите на Македонската академија на науките и уметностите во „Куќата на Уранија“ во Охрид.