Имаме историска прилика која не смееме да ја пропуштиме. Евроинтеграциите се најголемиот и најважниот македонски проект кој бара обединување и поставување на сите општествени чинители на начин на кој функционира и Европската Унија: Дијалог, солидарност, поддршка и компромис, потенцираше вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на прес-конференција во Владата.
Како и премиерот Димитар Ковачевски, Маричиќ повика на обединување и на политички консензус околу иднината на државата.
Јас како главен преговарач со ЕУ повикувам сите заедно да покажеме дека визијата и желбата земјата да ја направиме членка на ЕУ до 2030 е реална и поважна од сè кога е во прашање нашата иднина. Тоа ќе биде потврда на нашата политичка зрелост, дипломатска умешност и административна способност, рече Маричиќ.
Вицепремиерот истакна дека процесот на преговори е долготраен, масовен, комплексен и многу значаен и затоа е потребно да се вклучат сите.
Овој процес Владата ќе го води максимално отворено и инклузивно. Го мобилизираме најдоброто од нашето општество за да им го обезбедиме најдоброто на граѓаните, рече Маричиќ.