Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Маричиќ: Со Планот за раст се фокусираме на реформите за повеќе инвестиции и прогрес на земјата

 Шефот на делегацијата на Европската Унија во земјава Дејвид Гир денеска во Владата му го врачи Извештајот на Европската комисија за Република Северна Македонија за 2023 година на вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

На состанокот се дискутираше за Извештајот, планирањето на следните чекори за реализирање на стратешката цел за приклучување кон ЕУ, планот за раст и реформскиот план за Северна Македонија и Западен Балкан. Вицепремиерот Маричиќ се заблагодари на амбасадорот Гир и Европската Унија за будното следење и излегување во пресрет на нашите барања, по што следува детална анализа за извештајот од страна на Владата и заложување за продолжување на процесот и успешна реализација на заедничките планови. На средбата беше посветено посебно внимание на следните чекори за Планот за раст (на економиите) на Западниот Балкан со заклучок дека извештајот на Европската комисија за нашата земја е рефлексија на нашата секојдневна борба за унапредување на општеството, соопшти  Секретаријатот за европски прашања. 

Маричиќ истакна дека Република Северна Македонија продолжува со црвста заложба за спроведување на реформските процеси поддржувајќи го Планот за Раст за Западен Балкан. 

– Планот за раст е резултат на наше барање, со што можеме да користиме привилегии и можности од зачленувањето во ЕУ пред време, односно додека траат преговорите. ЕУ со конкретен план подготвува 6 милијарди евра за Западен Балкан, од кои 1 милијарда евра може да ги искористи Северна Македонија. Со Планот за раст се овозможува пристап до европскиот заеднички пазар, што ќе значи силен економски напредок. Тоа значи дека нашите производи и услуги може да се пласираат на „Единствениот Европски пазар“, информираат од СЕП. 

Целта на ЕУ е до март 2024 година да направи прв трансфер на средства кон Северна Македонија и другите земји во регионот на Западен Балкан. 

– Владата и администрацијата мобилизираа значајни ресурси и активно учествуваа во скрининг процесот. Ова не значи дека сме ја завршиле работата. Напротив, скрининг процесот ни ја дава основата за дефинирање на идните реформски приоритети од ЕУ агендата, кои треба да се спроведуваат и за кои неминовно е потребен широк општествен консензус. Во таа насока работиме на подготовка на патоказите за владеење на право, реформите во администрацијата и функционирањето на демократските институции. Маричиќ посочи дека нашата иднина ја гледаме во стратешката цел на Владата, да станеме полноправна членка на Европската Унија. Свесни за предизвиците кои претстојат, наша цел е обезбедување европска иднина на Северна Македонија а со тоа и стабилност, безбедност и просперитет на земјата и на регионот. Следејќи го Планот за раст можеме да се фокусираме на реформите со кои ќе обезбедиме повеќе инвестиции и поголем прогрес на земјата, се наведува во соопштението од СЕП.  

На средбата присуствуваа и министерот за надворешни работи Бујар Османи, државната секретарка на СЕП Дрита Абдиу Халили и заменикот шеф на делегацијата на ЕУ Бен Нупнау.

 

Зачлени се на нашиот е-билтен