Доколку седнеме и разговараме конкретно за она што треба да се направи ќе дојдеме до разумен заклучок дека во овие уставни измени нема ништо што е антимакедонско, и што е против државата, рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во гостувањето во ТВ24.
– Така што важно е да се влезе во дијалог со сите, и со Мицкоски и со сите пратеници поединечно. Дали ќе успееме никој не може да гарантира уште од сега, но треба да сме свесни за текот на работите. Ние имаме скрининг до ноември оваа година, ние сме презеле обврска и таа е пишана во преговарачката рамка, дека ќе го смениме уставот, за да ги внесеме Бугарите и другите заедници како заедници, како малцински заедници во уставот. Доколку тоа не го сториме едноставно ќе го завршиме скринингот и тука ќе застанеме. Тоа секако ќе има и регионални имплиакции, денеска сме во групата на држави што преговара, значи Србија, Црна Гора, Албанија и ние, доколку застанеме на крајот од годината можеме многу лесно да се најдеме во групата со БиХ и со Косово, а тоа се сепак држави што имаат подлабоки проблеми од нас во смисла на внатрешното уставно уредување и функционалноста – рече Маричиќ.
Според него ВМРО – ДПМНЕ единствено вели граѓаните да се изјаснат.
– Тоа е убав параван. Истото го правеа и со спорот со Грција. Велеа какво решение и да се договори, треба да оди на референдум и тоа беше многу влијателен став кој што дури го натера и СДСМ да ја смениме нашата програма и да запишеме во неа дека ќе има референдум. Кога дојде ред за референдум за спорот со Грција, ВМРО – ДПМНЕ од не знаеме која причина го бојкотираше. Затоа се плашам дека сите тие изговори, паравани и граѓаните да одлучат, „ние не сме надлежни“, „да почекаме што ќе кажат на изборите“, „после изборите“, се само бегање од одлуката која што треба да ја донесеме заради нас – истакна Маричиќ.