Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Маричиќ: Во 2030 ќе има нови членки во ЕУ, дали и ние ќе бидеме зависи од нас самите

„Во 2030 година ќе има нови членки на Европската унија. Штета е Северна Македонија да не биде во тие нови членки, бидејќи долго сме се бореле и работеле на ова прашање. Ние работиме во 2030 кога ќе има нови членки да бидеме меѓу нив“ рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во Дневникот на МТВ.

Тој додаде дека е тешко да се објасни на граѓаните зошто не сакаме да го продолжиме нашиот пат кон ЕУ и дали навистина вреди поради внесувањето на неколку заедници во Преамбулата на Уставот да си ја блокираме државата.

„Убеден сум дека ќе преовлада разумот и убеден сум дека дел од пратениците на опозицијата ќе ја сфатат тежината на оваа одговорност и ќе ја донесеме одлуката. Придобивките ќе бидат за сите нас. Овој процес надминува мандат на било која влада, а придобивки ќе имаат граѓаните и државата“ рече Маричиќ.

Вицепремиерот додаде дека без разлика на политичката стратегија, ставови, позиции, па и инает, во овој момент важно е сите да ја сфатат одговорноста поради граѓаните.

Маричиќ нагласи дека посетата на Фон дер Лајен е показател дека има желба од ЕУ да ги отвори портите за нови членки.

„Посетата на Урсула фон дер Лајен е одличен показател дека има вистински момент и дека има желба од страна на Европската Унија да ги отвори портите за нови членки од Западен Балкан. Пораките беа јасни“ рече Маричиќ.

Тој додаде дека има недостатоци што се утврдија со скрингот и што низ процесот на преговори ќе се исправаат, а за отворање на поглавјата остануваат само уставните измени.

„Тие не го загрозуваат нашиот идентитет, јазик и само треба да ја фатиме оваа шанса, затоа што таа прилика ќе им биде понудена и на другите држави и тие нема да ја пропуштат шансата“ рече Маричиќ.

Вицепремиерот додаде дека посетата е со јасна порака дека е реално до 2030 година да ги завршиме преговорите и да станеме членка на ЕУ.

Преземено од Фронтлајн.мк

Зачлени се на нашиот е-билтен