Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Маричиќ во Брисел го отвора билатералниот состанок за Поглавјето 7 – „Право за интелектуална сопственост“

Бојан Маричиќ

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ кој од вчера е во работна посета на Брисел, денеска ќе го отвори билатералниот состанок за Поглавјето 7 – „Право за интелектуална сопственост“.

Попладне, во Европскиот парламент, Маричиќ ќе се сретне со европратениците Ирена Јовева и Дејвид Мекалистер, како и со бугарскиот европратеник и известувач за Република Северна Македонија, Илхан Ќучук.

Од Брисел преку својот ФБ профил се огласи вицепремиерот кој истакна дека е завршен билатералниот скрининг за Поглавјето 3 „Право на основање и слобода на давање услуги“.

Низ презентациите потврдивме дека ги следиме забелешките и укажувањата од Европската комисија и дека правиме континуирани чекори кон усогласувањето со законодавството и зајакнување на административните капацитети во областа на услугите.

Маричиќ вели дека со пристапувањето на Северна Македонија во Европската унија, македонските деловни субјекти ќе можат слободно да даваат услуги во секоја земја членка на Европската унија, без да мораат таму да имаат деловен престој.

За време на престојот во Брисел, главниот преговарач со ЕУ ќе се сретне со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји и со новиот генерален директор на Генералниот директорат за соседска политика и проширување на Европската комисија (ДГ НЕАР), Герт Јан Копман. Маричиќ ќе се сретне и со Марко Маковец, заменикот на Генералната директорка за Западен Балкан во Службата за надворешна политика на ЕУ Ајкхорст, со вршителката на должноста директор за Западен Балкан во Генералниот Директорат за соседство и преговори за проширување на Унијата, Микела Матуела и директорот на Секретаријатот на ЦЕФТА, Емир Џикиќ.

Работната посета на Брисел вицепремиерот Маричиќ ќе ја заврши со средба со Симон Мордју, дипломатски советник на Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

Теми на состаноците ќе бидат текот на скрининг процесот, изработката на приоритетниот реформски план и подготовките за спроведување на тековните задачи и обврски, за побрз напредок во процесот на преговори со ЕУ.

Зачлени се на нашиот е-билтен