„Сите три изминати години од 2020 наваму беа кризни години од различни причини. Пандемијата го примени животот и начинот на којшто функционираме и како гледаме кон нештата. Тоа беа тешки години и ние направивме и како држава и како институции многу за да излеземе од тие кризи поуспешно од некои други држави. Во процесот на евроинтеграции треба да влегуваме со повеќе самодоверба затоа што ние навистина припаѓаме таму. Тоа не е нешто што некој треба да ни го додели или со една недоверба дека никогаш нема да влеземе во Европска Унија“, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на Утринска програма на Канал 5.
Тој додаде дека има многу соседни нации коишто станале членки на ЕУ благодарение на тоа што им се погодиле коцките на геостратешки план и затоа што вложиле напор да го трансформираат своето општество и држава.
„Не е тоа ништо недостижно, ниту нешто што ние не можеме да го направиме. Напротив, јас сум често во Брисел и во држави членки на ЕУ и не сме ништо помалку вредни, ништо помалку способни од сите тие други нации коишто веќе го направиле тоа. Често ја споменувам како пример Хрватска, но и другите во опкружувањево. Хрватска денеска е сосема поинаква држава од пред 10 години кога влегоа во ЕУ, за Бугарија и Романија не сакам да зборувам. Првпат сум бил во Бугарија во 2000 година кога се уште не се признаваа осигурувањата за коли, кога не можевте со кола да одите безбедно. Денеска е сосема друга ситуацијата. Денеска функционираат како секоја европска држава“, потенцираше Маричиќ.
Тој додаде дека и понатаму во овие држави има проблеми, и дека никогаш нема да станат Германија, како што ниту нашата држава нема да стане Германија.
„Има многу работи коишто можеме да ги направиме за да функционираме подобро, па да се приближиме барем до една Хрватска и Словенија. Ние направивме максимум без уставни измени. Го завршивме скринингот, увидовме каде ни се грешките, каде може да направиме повеќе и да го завршиме тоа заради нас, заради младите генерации“, заклучи Маричиќ.