На уставните измени треба да гледаме како на потреба ние самите да си го заштитиме и зајакнеме идентитет наспроти Бугарија, кажа вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во интервју за Македонско радио.
-Со ставањето, додавањето на Бугарите како етничка заедница во Уставот се прави јасна дистинкција помеѓу македонскиот народ, Македонците, мнозински народ во Северна Македонија и Бугарите како етничка заедница во државата и како малцинство, да кажам според конвенциите. А секако дека имаат право граѓаните слободно да се изјаснат како се чувствуваат и како што имаме ние и седум други заедници коишто се истакнати во нашиот Устав, треба да имаме можност за Бугарите, за ние да бидеме заштитени дека никој не може да каже дека ние сме Бугари. Ние сме Македонци и самата дистинкција дека има и Бугари коишто со последниот попис се 3 000 и стотина. Со самиот тој чин ќе ја направиме таа дистинкција. Дополнително на тоа ние ќе додадеме и други заедници како што се Хрватите и Црногорците, најмалку. Значи има интерес и од други Евреите, Египќаните, Торбешите и така натака и спремни сме да разговараме, истакна вицепремиерот.
Според Маричиќ важно е Северна Македонија како татковина на сите заедници да покаже големина и на тој начин да го затвори ова прашање засекогаш.
-Мислам дека е време и со ВМРО ДПМНЕ да разговараме дали јавно или вон очите на јавноста, сеедно, секако треба да почне разговорот. На темата на суштинска содржинска расправа околу уставните измени, зошто е проблем да бидат вметнати Бугарите во Уставот, како тоа нам на Македонците ни е проблем, како тоа може да не загрози. Бидејќи содржински треба да го промениме Уставот во преамбулата со додавањето и во додавањето на Бугарите во оној комитет за односи меѓу заедниците во Собранието, каде што ги има сите заедници, тие се двете места, Уставот каде што се спомнуваат заедниците со име. Доколку влеземе во таква дискусија, верувам дека ќе дојдеме до разумни аргументи дека е навистина трагично да ја блокираме сопствената држава на патот кон Европската Унија заради ова прашање. Ние можеби ќе имаме во текот на преговорите и потешки прашања, сигурен сум. Потешки прашања коишто нема да бидат од овој карактер, нема да бидат врзани заедно, нема да бидат врзани за историја, нема да бидат врзани никако за етничкото потекло ќе бидат врзани за пристапот кон нашето земјоделие, заклучи Маричиќ.
Ратификуваните договори од иницијативата „Отворен Балкан“ се многу битен чекор на отворање на границите и отклонување на бариерите коишто постојат меѓу државите од Западен Балкан, посочи вицепремиерот Маричиќ.
-Тоа е суштинската важност на иницијативата Отворен Балкан на којашто ние укажуваме цело време. Овие договори беа ратификувани и во Албанија, и во Србија, чекаа на ратификација кај нас. Најпрво имаше скепса од страна на опозицијата, пак блокади и незакажување на Комисијата за надворешни работи. Потоа, откако помина на Комисијата за надворешни работи, релативно брзо, кога се создадоа услови беше ратификувана, истакна Маричиќ.
Според вицепремиерот, договорите од оваа иницијатива практично ќе им овозможат на нашите граѓани без вадење работни дозволи да се вработуваат во земјите од „Отворен Балкан“.
-Практично да можат слободно, во определени професии да работат и во Албанија и во Србија, секако и граѓаните на Албанија, Србија да работат кај нас. Тоа е воспоставува една нова рамка на мобилност меѓу граѓаните на овие наши три држави. И исто така оваа идентификациона картичка треба да создаде услови за слободно движење за граѓаните, и на патарините, и на граничните премини, кажа Маричиќ.