Марија Карстиану по трагедијата во Темпи:Грција излезе од шините — и сè уште не се врати назад

Педесет и двегодишната педијатарка Марија Каристиану не сакаше да стане политичар — но животот ја натера. Откако во февруари 2023 година во трагичната железничка несреќа во Темпи загина нејзината 19-годишна ќерка Марти, таа стана глас на илјадници луѓе кои бараат правда, одговорност и промена.

Несреќата во која загинаа 57 патници, најмногу студенти, остави длабока трага во грчкото општество и ги разоткри слабостите на државата. Две композиции, едната патничка со повеќе од 150 лица и една товарна, се судрија директно на ист колосек — трагедија што ја разбуди цела Грција.

Грција излезе од шините — и сè уште не се врати назад,“ изјави Каристиану. „Не можам да живеам во општество кое ја изгубило моралната насока. Потребна ни е промена што не може да дојде од истиот систем што ја предизвика оваа трагедија.“

Мајка што стана симбол на народот

Како претседателка на Асоцијацијата на семејствата на жртвите од Темпи, Каристиану организираше протести, концерти и јавни настани во Грција и Европа за да се одржи вниманието на јавноста кон случајот. Грчките медиуми ја опишуваат како „гласот на совеста“, а јавноста — како можен нов политички спасител.

Според анкетите, ново движење предводено од Каристиану би можело да добие и до 25% поддршка од гласачите. Нејзиниот став е јасен: „Сакам нешто ново — како и целиот народ. И јас припаѓам на тие 25%.“

Судир со политичкиот естаблишмент

Несреќата во Темпи ја разниша довербата во владата на премиерот Киријакос Мицотакис. Граѓаните веруваат дека државата се обидува да ја прикрие вистината. Европското обвинителство дури побара да се испита кривичната одговорност на двајца поранешни министри за транспорт, но грчката влада ја искористи уставната клаузула за имунитет на министри и одби да постапи.

Се срамам што еден европски обвинител мора да ни каже дека нашиот Устав ги штити министрите дури и кога станува збор за кривични дела,“ изјави Каристиану.

Протестите продолжуваат

Секоја вечер во 23:18 — времето кога се случи судирот — граѓани се собираат пред парламентот и ги читаат имињата на сите 57 жртви. Групата „До крај“ ја претвори болката во граѓански отпор, а нејзината истрајност ја претвори трагедијата во политички потрес.

Дел од семејствата, меѓу кои и Панос Ручи, татко на еден од загинатите, дури стапија во штрајк со глад барајќи ексхумација на телата за нови вештачења — нешто што државата првично го одби.

Политичка бура на хоризонтот

Додека Нова Демократија бележи пад на доверба, а опозицијата не успева да понуди алтернатива, Каристиану би можела да ја претставува новата политичка енергија што ја бараат граѓаните. Сепак, експертите предупредуваат дека моралната поддршка не секогаш се претвора во изборна.

„Ако одлучи да се кандидира, ќе мора да се соочи со истите остри напади и цинизам од политичките противници,“ изјави грчкиот министер за здравство Адонис Георгијадис. „Како мајка имаш почит, но како политичар — стануваш противник.

Марија Каристиану, мајката што ја изгуби ќерката во Темпи, денес ја враќа верата на народот во човечноста и во можноста за промена. Без да формира партија, таа веќе ја раздвижи грчката политика — потсетувајќи дека понекогаш вистинските лидери не се раѓаат во парламентот, туку во болката на народот.

Извор: Politico

Зачлени се на нашиот е-билтен