Маринакис: И покрај кризата јужно од Крит, мигрантските бранови се за 30 отсто намалени во споредба со лани

Во земјата, и покрај кризата јужно од Крит, има 30 отсто помалку пристигнувања на нелегални имигранти во споредба со лани, бидејќи очигледно во многу голема мера се намалени брановите во поморската област, а кај Еврос се сведени на нула, посочи портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите.

За моменталната ситуација на Крит, каде што во текот на викендот имаше нов наплив на мигратни и во привремениот центар се наоѓаа околу 1.200 лица, кои постепено се пренесуваат кон континентална Грција, Маринакис, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, во однос на тоа каква е процедурата за нив, објасни дека поради „многу големиот проблем со мигранти од Северна Африка во текот на летото“ беше донесен и амандманот што предвидува суспензија на барањата за азил за период од три месеци и притвор.

„Откако беше изгласан амандманот, за шест седмици имавме намалување од 80 отсто на пристигнувањата. Постоеја некои тешки денови каде што, не на нивоата од јули, но на повисоки нивоа отколку по амандманот, имавме зголемување на брановите. Постапката за мигрантите што се следи е постапката според законот. Доколку се утврди дека има нелегално пристигнување, прво се следи постапката за барање азил. Кога се работи за мигранти од северна Африка, овој процес е замрзнат три месеци, така што се следи посебен процес на притвор во центрите предвидени со закон“, објасни Маринакис.

Паралелно нагласи дека целта на Владата е со политика што ги штити границите, но и става поголем акцент на враќањата, Грција „да биде во подобра ситуација, во споредба со другите земји“. 

Зачлени се на нашиот е-билтен