– Мигрантски бранови кон Грција во изминатиот месец се намалени, а кај Еврос се сведени на нула, рече портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина.
Маринакис истакна дека политиката во мигрантското прашање воведена по 2019 години донесе резултати, а приоритет на Владата останува чувањето на морските и копнените границите, согласно меѓународното право и ќе продолжат во иста насока.
-Постои, постоеше зголемен миграциски притисок веќе една година, за среќа во последниот месец се сведени на нула брановите од Еврос и речиси се сведени на нула брановите во северниот дел на Егејското море, рече Маринакис.
Посочи дека особена важност за Владата на Мицотакис е да се искоренат мрежите на криумчарите, додека пак во однос на можноста со Турција да се потпише меморандум за соработка во мигрантското прашање, објасни дека разговорите се во тек.
Одговарајќи на новинарско прашање за создавање хуманитарен морски коридор за помош на цивилите во Појасот Газа, портпаролот на грчката Влада повтори дека „Грција уште од првиот момент ја истакна потребата да се избегне хуманитарна криза“, а заедно со сојузниците, вклучително и САД и ОН го разгледува испраќањето, по морски пат на хуманитарна помош.
-Тоа е многу сложен и тежок процес, повеќе детали не можам да соопштам, истакна Маринакис, објаснувајќи дека кога ќе постои нешто конкретно, ќе информира надлежното Министерство за надворешни работи.