Марко Михаилоски: Западен Балкан мора да биде дел од ЕУ, не во чекалница

Извршниот директор на „Прогрес – Институт за социјална демократија“, Марко Михаилоски, учествуваше на Форумот за ЕУ проширување организиран од еврокомесарката Марта Кос – настан кој, барем на ниво на дебата, повторно ја враќа иднината на Западен Балкан во фокус на европската политика.

Михаилоски вели дека на форумот имал можност директно да ги слушне ставовите за темпото на проширувањето, реформските приоритети и местото на регионот во новата европска безбедносна архитектура. Неговата оценка е јасна: ако Европа сака да остане целосна, стабилна и стратешки силна, Западен Балкан мора да стане дел од Европската унија.

Сепак, тој предупредува дека „моментумот“ што се споменува во Брисел не се чувствува исто од перспективата на граѓаните во земја која веќе две децении чека во предворје на Унијата. Во својот осврт, Михаилоски остро ги критикува домашните политичари кои во кампањи гласно бараат ЕУ, а во практика, како што вели, не се подготвени на конкретни чекори што реално би нè приближиле до членството.

Според него, не е доволно само да се повикуваме на геополитички аргументи и на тоа дека Западен Балкан „му припаѓа“ на европското семејство. Потребно е сериозно прифаќање на реформската агенда дома – владеење на правото, функционални институции, борба против корупцијата – но и фер, предвидлив и кредибилен процес од страна на Европската унија, во кој ветувањата не се менуваат по секој изборен циклус.

„Нашето место е на масата, а не во чекалната – дваесет години“, порачува Михаилоски, сумирајќи го чувството на замор и фрустрација што го делат многу граѓани во земјите-кандидатки. Неговата порака е дека и домашните елити и ЕУ носат одговорност: едните за тоа дали ќе има реални реформи, другите за тоа дали процесот ќе остане веродостоен и правичен.

Зачлени се на нашиот е-билтен