Во серијалот интервјуа со кандидатите за градоначалници на Град Скопје, Рацин.мк разговараше и со проф. Горан Марковски, кој својата кандидатура ја најави со дино маска за да го привлече вниманието на скопјани, со цел да ги потенцира дека полека главниот град изумира под еколошките закани исто како и диносаурусите. Професорот Горан Марковски, кандидат за градоначалник на Град Скопје од „Независни заедно“, во интервјуто говори за тоа зошто се кандидира, како би соработувал со Советот и кои се првите потези во сообраќајот, урбанизмот и водоснабдувањето. Фокусот го става на целосна транспарентност кон граѓаните, „еколошки автобуси 100%“ и обврзувачки визиски документ што ќе важи независно од смените на власта.
Разговараше: Леон БАКРАЧЕСКИ

Зошто токму сега — и зошто Скопје?
„Достигнав фаза во животот и професионалниот развој кога имам сериозен квантум знаење и искуство… она што се случува со градот ми пречи. Роден сум тука, во центарот, а растев во Тафталиџе; со градот сум се радувал и тагувал,“ вели Марковски, додавајќи дека „градот почнува да станува некаква европска провинција, а можеме подобро — со инаков пристап“.
Ако Советот е „контра“ — како ќе се менаџира конфликтот?
Марковски ја отфрла тезата дека градот функционира само ако градоначалникот и Советот се од иста партија: „И некогаш е добро да не се од иста политичка опција, затоа што ќе си вршат контрола еден над друг.“ Неговиот тричекорски „бек-ап“ план е: прво, целосно отворање на работењето — на градската веб-страница да се објават сите точки за кои се расправа и позициите на градоначалникот и Советот; второ, ако блокадите продолжат — предлог за предвремени избори за градоначалник и Совет; трето, ако ни тоа не донесе функционалност — оставка. „Најтешко е да го сочувате образот; ако тоа е единствениот начин градот да оди напред, ќе го направам,“ вели тој.
Визија за четири години — што е реално да се постигне?
„Четири години се премалку за европски современ град, но доволно за да се ублажат основните проблеми: загадување на воздухот, сообраќаен метеж. Ќе поставиме ‘визија-документ’, инклузивен и изработен од стручни лица, граѓани и стопанство, обврзувачки и по смена на градска власт — за Скопје да се префрли од скршен колосек на колосек кон развој,“ објаснува Марковски.
БРТ, автобуси, паркиралишта — што точно предлагате?
„БРТ не е лош проект, но без целосни детали не можам децидно да кажам. Без разлика дали ќе има BРТ или не, мораме да имаме еколошки автобуси — комплетно, 100%. Две големини возила: поголеми на примарни, помали на секундарни линии. Возен ред што ги амортизира шпицовите, вклучително и различна цена на билет во непик,“ вели тој. За БРТ додава дека бара „поголема инфраструктура и нов мост кај сегашниот на Обединетите нации (Влае)“, па одлуката мора да ги вклучи и финансиските договори и рокови. Најважно, вели, е да се „дестимулира користење лични автомобили“, наместо да се „влегува во изгубена битка со уште паркинзи, особено надземни“.
Урбанизам и јавен простор — каде заглави Скопје?
„Исчезна интересот за јавните простори. Нашите урбанисти знаат како треба, но се притиснати од други интереси. Сè се мери во метри квадратни — вредноста е квадратурата, не просторот. Така изгубивме ‘златни’ локации и наместо објекти од култура, музика, спорт — се претворивме во огромна ‘спална соба’. Надвор ве пречекува сивило,“ опишува Марковски.
Кој е „скопјанец“ — какви навики очекувате да се променат?
„Скопјанец е оној што ги почитува правилата на голем град: не користи автомобил каде што не мора, селектира ѓубре, штеди вода, го почитува мирот и приватноста во заеднички живеалишта… Промени кон подобро нема без барем мала лична жртва,“ вели Марковски.
Водоводот — како да не стане хроничен проблем?
„Запуштеност и игнорирање на долгорочни последици. Од едната страна — преголема густина и нови објекти без детални пресметки дали системот носи. Од другата — големи губитоци на вода: дел ‘ненаплатена’ (диви приклучоци), дел физички загуби од дотраени, неодржувани цевки и спојници. Расче е благодет, но не е бескрајно. Ако не преземеме мерки, опасноста е проблемот да стане хроничен,“ предупредува Марковски, потсетувајќи на експертизата од Градежниот факултет каде се изучуваат водовод и канализација.
„Гласајте за градоначалник, не за партија. Гласајќи за мене — гласате за себе и за вашите деца,“ завршува Марковски во интервјуто за Рацин.мк.