Мартина и Александар ќе бидат младенците на Галичката свадба 2026

Мартина Михајлова и Александар Пендароски се избрани за невеста и зет на годинашната Галичка свадба. Одлуката ја донел Советот на Месната заедница Галичник по разгледување на сите пристигнати пријави.

Во образложението се наведува дека интересот годинава бил голем и дека изборот бил направен меѓу повеќе квалитетни пријави. Како причина за изборот се посочува нивната силна поврзаност со Галичник, кој, според соопштението, не го доживуваат само како традиција, туку и како дом, спомен и припадност.

Дополнителна симболика на изборот дава и фактот што годинава се одбележуваат 35 години од првата современа Галичка свадба во 1991 година, кога биле венчани родителите на Александар Пендароски. Со тоа, годинашниот избор добива и семејна димензија поврзана со самата историја на манифестацијата.

Галичката свадба е една од најпрепознатливите културни манифестации во земјава, а подготовките за изданието во 2026 почнаа уште во февруари со јавен повик за избор на зет и невеста. Во условите за пријавување беше наведено дека предност имаат парови со потекло од Галичник, парови што претходно учествувале во свадбата во друга улога и кандидати активни во месната заедница.

Зачлени се на нашиот е-билтен