Маск ја лансираше „Грокипедија“ – нова алтернатива на Википедија

Илон Маск

Технолошкиот свет доби нов играч во полето на онлајн енциклопедиите: „Грокипедија“, проектот на Илон Маск, се претставува како „вистинската алтернатива“ на Википедија. Милијардерот ја најави платформата како „помалку пристрасна и поискрена“, обвинувајќи ја Википедија за идеолошка пристрасност.

На прв поглед, страницата потсетува на Википедија – има пребарувач, статии со цитирани извори и сличен распоред. Но, критичарите посочуваат дека содржините се помалку транспарентни, а дел од записите се адаптирани токму од Википедија. Основата на проектот е Grok – четботот на Маск, кој проверува и генерира статии.

Некои записи, особено за контроверзни теми како родовата теорија или нападот на Капитол од 6 јануари 2021, се напишани од перспектива што одразува десничарски интерпретации, додека страницата за самиот Маск го прикажува како визионер без да спомнува негови контроверзни изјави.

Во моментот на лансирање, „Грокипедија“ има околу 885.000 статии – далеку помалку од повеќе од осумте милиони на англиската Википедија. Маск, сепак, ветува дека платформата ќе се развива со секоја итерација и ќе учи без „човечка пристрасност“.

Дали „Грокипедија“ ќе стане вистинска конкуренција на Википедија или ќе остане контроверзен експеримент на Маск, ќе покаже времето.

Зачлени се на нашиот е-билтен