Маск: Германија или ќе гласа за АфД или тоа ќе биде крај за Германија

Американскиот милијардер Илон Маск преку својата платформа Икс (Х) повторно се вмеша во предизборната кампања во Германија во корист на десничарско популистичката Алтернатива за Германија (АфД), јавија германските медиуми.

„Или Германија ќе гласа за АфД или тоа ќе биде крај за Германија“, објави Маск на Икс пред локалните избори што се закажани на 14 септември во најнаселената германска покраина Северна Рајна-Вестфалија.

Според германските медиуми, тој реагирал на заедничката изјава на Христијанско-демократската унија, Социјалдемократската партија на Германија, Зелените и други партии, со исклучок на АфД, што учествуваат на изборите во Северна Рајна-Вестфалија, во која се нагласува дека не сакаат изборната кампања да се води „на грбот на мигрантите“.

АфД објави дека не е поканета да се приклучи на иницијативата и дека доколку била поканета, немало да одговори на неа.

Платформата „Европски конзервативци“ претходно ја прогласи оваа иницијатива за забрана за слободата на говорот и тврдеше дека АфД е единствената партија што отворено зборува за прашањата поврзани со миграцијата.

Маск веќе влијаеше на изборната кампања за предвремените парламентарни избори во февруари оваа година преку Икс, повикувајќи ги германските граѓани да гласаат за АфД и објави интервју со претседателката на десничарската партија Алис Вајдел.

Локалните избори во Северна Рајна-Вестфалија се сметаат за прв тест за расположението на гласачите откако христијанско-демократската Влада на Фридрих Мерц дојде на власт на почетокот на мај. 

Зачлени се на нашиот е-билтен