Вечерва околу 18 часот во Белград, пред Парламентот започна големиот протест наречен „Србија против насилството“. Протестот се одржува како реакција на двата неодамнешни масакра во таа земја. Во првиот, 13-годишен ученик во училиште во Белград со истрели од пиштол уби 8 негови соученици и училишниот чувар. Во вториот, 21-годишниот Урош Б. со истрели од автоматска пушка во Младеновац и околината уби осум луѓе, јави N1.
Илјадници граѓани и претставници на опозицијата се собраа пред зградата на Собранието, каде беа прочитани барањата до Владата, а потоа тргнаа во мирна прошетка до владата на Србија. Никој од опозицијата не зборуваше на митингот.
Беа истакнати повеќе барања, чија цел, како што се наведува, е да се намали нивото на насилство во Србија. Најпрво, од властите се бара да го сменат раководството на РЕМ (регулаторното тело за медиумите) и Радиотелевизија Србија, како и одземање на националната фреквенција на телевизиите Пинк и Хепи, како и забрана на таблоидите кои промовираат насилство.
Професорот Зоран Стојиљковиќ, социолог на политиката, изјави дека по масовните убиства во Белград и Младеновац, покрај министерот за образование Бранко Ружиќ, оставки треба да поднесат и министерот за внатрешни работи Братислав Гашиќ и директорот на Безбедносно-информативната агенција Александар Вулин.
Многу би сакал претседателот Вучиќ, кој е најодговорен за состојбата на нацијата, да седне и да размисли за одговорите на две-три прашања – како, со која политика и по која политичка трансформација дојде на власт, што вети, каква е сега состојбата на нацијата, дали за него би бил прифатлив овој автократски, навредлив тон со кој се однесува кон политичките противници, истакна Стојиљковиќ за N1.
Г. Т. (ЦивилМедиа)