Незапирливо расте бројот на жртви во катастрофалните поплави во Шпанија. Според последните податоци што ги објави Владата, а кои не се конечни, пронајдени се 211 мртви.
По три дена спасена е жена која била заробена во автомобил, заедно со безживотното тело на нејзината снаа.
Се уште не е познат бројот на исчезнати. И додека локалните власти со помош на владините сили се обидуваат да ги санираат штетите – патиштата да ги доведат во возна состојба за да може да пристигне многу потребната помош, во погодените подрачја се појавуваат нови проблеми – масовни грабежи.
„Ми ја ограбија продавницата. Две недели пред поплавата, нарачав голема залиха цигари и ги ставив во складиште. Мислам дека целата роба вредеше повеќе од сто илјади евра. Вечерва открив дека сите цигари ги нема, некој ги украл. Имам осигурување од поплави, но не сум сигурен дали мојата стока е осигурана, особено цигарите. Колку што знам, осигурувањето не покрива, па сега можете да видите колку сум во неповолна положба“, изјави Адријан Фера, сопственикот на продавницата.