Масовно труење во „Димо Хаџи Димов“: родители тврдат дека ова е втор случај

Најмалку четириесет деца од пониските одделенија во основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во општина Карпош завршиле со силни стомачни болки и нагон за повраќање, по топлиот оброк што го имале вчера на училиште. Дел од нив се однесени во болница, а инспекциските служби утринава влегоа во училишната кујна и ја затворија сè додека не се открие што точно се случило.

Родители за Рацин.мк велат дека ова не е прв пат децата да се жалат на исти симптоми по јадењето во училишната кујна. „Ова е втор пат децата да имаат болки, грчеви и интензивно повраќање по враќање од училиште. Веќе еднаш реагиравме, но ни беше кажано дека најверојатно било изолиран случај на лична хигиена“, вели еден родител. Според него, токму затоа денешниот случај го доживуваат како потврда дека проблемот е поширок и дека не може да се сведе на „индивидуална реакција“.

Друг родител се сомнева во квалитетот на месото во мусаката, која била сервирана за ручек. „Децата јаделе мусака, и потоа голем дел почнале да се жалат на тегоби и да покажуваат знаци на класично труење со храна. Искрено, најмногу се плашиме дека проблемот е во месото,“ вели тој за Рацин.мк. Дел од родителите посочуваат и дека меѓу децата со симптоми има и такви од повисоките одделенија, кои формално не се храњат во училиштето, па затоа некои се сомневаат и во водата, но без лабораториски резултати сè останува на претпоставки.

Според директорката Лејла Николоска, станува збор за деца од одделенска настава кои се во целодневна настава и имаат организиран појадок и ручек. Вчера за појадок јаделе корнфлекс со млеко, а за ручек мусака, подготвена од операторот со храна „Ванила фуд“. Симптомите – болки во стомак, мачнина и нагон за повраќање – почнале да се појавуваат кога децата се вратиле дома, по што дел од родителите побарале лекарска помош.

Зачлени се на нашиот е-билтен