На десеттото, јубилејно издание на фестивалот „Киненова“, српскиот сценарист и режисер Срдан Голубовиќ е „Автор во фокус“, кој истовремено ќе го предводи и тричленото фестивалско жири. Човекот кој зад себе има четири феноменални филмови кои освоија награди на фестивали ширум светот, е професор на престижниот Факултет за драмски уметности во Белград, каде што со години несебично ја пренесува својата љубов кон седмата уметност на своите студенти.
Денеска на ФДУ во 11 часот Голубовиќ ќе одржи мастерклас во рамките на програмата на Киненова.
-Влијанието на татко ми беше клучно, тоа е она влијание за кое не сте ни свесни. А тоа е тука, присутно и формирачко. Не беше среќен кога му кажав дека сакам да се занимавам со филм, се надеваше дека ќе се занимавам со литература. Отсекогаш многу ја сакав литературата, и денес повеќе сакам да читам отколку да гледам филмови. Но, филмот беше мојот избор. Фактот дека пораснав со приказни за филмот, и што познати режисери, актери, луѓе од филмот поминуваа секојдневно низ нашата куќа, беше клучен. Отсекогаш ме привлекувале сликите и отсекогаш сум размислувал и зборувал во слики, вели Голубовиќ.