Матадор загина пред „Пикасовата“ корида во Малага

Трагедија ја одбележа подготовката за една од најпознатите кориди во шпанска Малага, откако пензионираниот матадор Рикардо Ортис загина откако бил прободен од бик во арената „Ла Малагета“. Несреќата се случила додека помагал при истоварот и сместувањето на биковите пред традиционалната „Корида Пикасијана“, настан инспириран од делата на Пабло Пикасо.

Ортис имал 51 година и потекнувал од семејство длабоко поврзано со светот на коридата. Иако од арената се повлекол пред повеќе од две децении, останал активен во организацијата и подготовките околу биковите во Малага. Според шпанските медиуми, нападот се случил во просторот каде што се подготвувале животните за саботниот настан, а повредите биле смртоносни.

Несреќата фрли сенка врз „Корида Пикасијана“, која во Малага се одржува како дел од велигденските денови и е еден од најпрепознатливите настани во локалниот календар. Целата сценографија, како и дел од костимите и визуелниот идентитет на коридата, се инспирирани од сликите и мотивите на Пикасо, кој бил роден токму во Малага и во своето творештво често се навраќал на темата на борбите со бикови.

Организаторите изразија сочувство до семејството и најавија почит кон Ортис, кој во локалните кругови важел за добро познато име. Случајот повторно ја отвори темата за ризиците што ги носи коридата, традиција што и натаму има силно присуство во делови од Шпанија, иако со години е предмет на жестоки полемики и критики.

Зачлени се на нашиот е-билтен