Мечка на булевар во Дебар: ловците предупредуваат да не се провоцира

Здружението на ловци „Стогово“ од Дебар предупредува на сè почеста и веќе загрижувачка појава: диви животни влегуваат во населените места и се движат многу блиску до домовите на граѓаните. Според нив, мечки, диви свињи, волци и лисици веќе не се гледаат само во шумата, туку и во руралните подрачја околу градот, а во повеќе случаи и во самиот Дебар. Ваквата појава, велат од здружението, претставува реална опасност за безбедноста на жителите.

Од здружението посочуваат дека ова најчесто се случува во есен, кога животните, особено мечките, интензивно бараат храна за да се подготват за зимскиот период. Како пример наведуваат конкретен настан од пред неколку дена, кога возрасна мечка била забележана ноќе на главниот булевар во градот. Според ловците, ова не е само редок инцидент туку сериозна ситуација, затоа што мечката се движела низ урбана зона, каде може да дојде во директен контакт со луѓе.

Иако не сакаат да создадат паника, ловците велат дека чувствуваат обврска да ги потсетат граѓаните како да се однесуваат ако се најдат лице в лице со мечка или друго диво животно. Нивниот прв совет е дека најважно е да не се прави панично движење. Препораката е човекот да остане смирен, да не трча и да не врти грб, туку полека да се повлекува наназад додека зборува тивко и смирено, за животното да разбере дека пред себе има човек, а не плен. Ловците објаснуваат дека директното гледање мечка во очи може да се сфати како провокација и затоа треба да се избегнува. Доколку мечката е на поголема оддалеченост, може да се направи умерена бучава, како плескање со раце или зборување со нормален тон, за животното да се оддалечи. Но ако животното е многу блиску и сè уште не ве забележало, најдобро е да се остане сосема мирен додека тоа не се повлече само. По секоја ваква средба веднаш треба да се известат полицијата, шумската служба или општинските служби.

Здружението предупредува и што не смее да се прави. Најстрога забрана е да не се трча, затоа што мечката е многу побрза од човек. Не смее да се вика, да се провоцира или да се приближува животното за фотографии и видеа, бидејќи тоа може да предизвика напад. Никогаш не треба да се остава храна за мечка или за друг див звеp, бидејќи животното ќе се навикне да се враќа и тогаш ризикот станува постојан. Не треба да се следи мечка во шумата, ниту да се оставаат остатоци од храна и отпад надвор од домови, дворови и објекти, затоа што токму мирисот на храна е најчестата причина дивите животни да слезат до населено место.

Од „Стогово“ нагласуваат дека остануваат на располагање за соработка со граѓаните и институциите, со цел да се спречат инциденти. Велат дека се потребни координирани мерки, особено во периоди како овој кога животните се движат поблиску до луѓето од вообичаено. Пораката е дека жителите на Дебар и околните села треба да бидат внимателни, но не и да преземаат нешто на своја рака.

Зачлени се на нашиот е-билтен