Мецола: Европа не смее да остане статична во денешниот динамичен свет 

Европа е во најдобра форма кога имаме јасна и заедничка цел, вели Роберта Мецола во своето обраќањето на Самитот на ЕУ во Брисел.

Можеби не се согласуваме за се, но она за што можеме да се согласиме е дека не можеме да останеме статични, бидејќи денешниот динамичен свет ќе продолжи понатаму без нас и тоа може да се случи многу брзо, порача денеска претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола во обраќањето на Самитот на ЕУ во Брисел. 

– Европа е во најдобра форма кога имаме јасна и заедничка цел. Нашиот единствен пазар, нашата заедничка валута, нашиот Шенген систем, не велам дека функционираат совршено, но тоа се достигнувањата што луѓето најмногу ги ценат, рече Мецола. 

Таа нагласи дека е охрабрена од „големиот број интересни предлози“ што циркулираат во ЕУ, што сигнализира дека блокот се поместува од статусот кво. 

– Тоа е она смело размислување што Европа треба да го прифати и да го пренесе во своите работни програми, смета Мецола.  

Претседателката на ЕП го поздрави денешното усвојување на 19-тиот пакет санкции кон Русија од страна на лидерите на ЕУ, но, како што нагласи, клучно останува да се донесе одлука за користење на замрзнатите руски средства за поддршка на Украина. 

– Ја разбирам загриженоста и секако дека ни треба правна сигурност, но исто така треба да дејствуваме стратешки и да го зголемиме притисокот (врз Русија), додаде Мецола. 

Според неа, заложбата за постигнување мир во Украина преку нејзино зајакнување, треба да се потврди преку поддршка на украинската одбранбена индустрија и искористување на нејзините технологии, особено за справување со дронови. 

– Треба постојано да нагласуваме зошто го правиме сето она што го правиме. Зошто стоиме толку цврсто крај Украина и зошто инвестираме во нашата безбедност и одбрана. Затоа што видовме што се случува кога „меката моќ“ не е поткрепена со „тврда моќ“ потребна за справување со денешните закани. Не можеме да дозволиме тоа да се случи повторно, рече Мецола. 

Таа се осврна и на состојбата на Блискиот Исток, посочувајќи дека Договорот за прекин на огнот претставува момент на историска надеж за Израел и за Газа и за „обновениот курс“ што го одржува во живот палестинското самоопределување и патот кон државност.  

– Тоа може да обезбеди стабилност за поширокиот регион на Блискиот Исток и остатокот од светот. Но, тоа е исто така момент на интензивна кревкост. Мировниот план мора да продолжи да се спроведува целосно. Мирот е можен и Европа има своја улога во тоа, потенцира претседателката на ЕП. 

Мецола се осврна и на вчерашната одлука на Европскиот парламент да не ги поддржи двете предложени директиви за корпоративна одржливост во рамки на „омнибусот“ за поедноставување, потенцирајќи дека парламентарните мнозинствата околу центарот се секогаш најсилни и тоа е начинот Европа да се движи напред, но ако не е можно нивно постигнување, без оглед на се, мора да се најде решение затоа што Парламентот мора да испорача. 

– Сакам да нагласам. Да, нашите пристапи може да бидат различни, но нашите основни цели се исти. Ова е она што мора да го имаме предвид, порача Мецола.

Зачлени се на нашиот е-билтен