Меџити објави дека Османи живеел во дивоградба, Османи вели Мицкоски немаше да ми прости да имав било каква дамка

Меџити и османи

Во „Топ Тема“ на ТВ Телма, кандидатите за градоначалник на Чаир – Изет Меџити (ВЛЕН) и Бујар Османи (ДУИ) – влегоа во жестока расправа за дивоградбите, чистотата и урбанистичкиот хаос. Меџити директно го обвини Османи дека „живеел во дивоградба“, додека Османи возврати дека „ако имал било каква дамка, премиерот Мицкоски не би му простил“ – реплика со која ги отфрла тврдењата за лична одговорност. Меџити, пак, инсистира дека јавноста има право да знае „каде живеат и како постапуваат“ тие што бараат доверба на локални избори.


„Не се работи за куќата на татко ти во Серава, туку за твојата куќа во Топанско Поле… ако почнеш да рушиш дивоградби, прашање е дали ќе почнеш прво од твојата куќа?“, го праша Меџити својот политички противник.


Османи ја насочи темата кон системскиот размер на проблемот: „Кога ќе го спомнете Чаир, синоним се дивоградби и корупција… најпроблематични се комерцијалните згради на државно земјиште, без план и без платени комуналии.“ Османи опиша шема на „антидатирање“ на објекти како да се градени пред 2011 година и „загуба на стотици милиони“ за граѓаните, додавајќи дека за купувачите во социјални случаи „ќе се бара решение“, но „нова дивоградба без план“ нема да дозволи. „Тоа го ветувам по цена и на избори и на било што,“ рече Османи.


И покрај размената на обвинувања, беа спомнати и програмски насоки. Меџити најави „мастер-план“ за затворање на прашањата со водоводот и атмосферската канализација и интервенции на сообраќајни точки како улицата „Цветан Димов“. Османи посочи дека работи „со архитект кој е меѓу 10-те највлијателни според Форбс“ и дека првиот ден би вовел режим „нула толеранција“ за нови објекти без план, со фокус на легализација, ред и заштита на купувачите без документи.


Нивниот политички однос – од сопартијци до ривали – беше експлицитно спомнат во расправата и ја објаснува ескалацијата на тоновите. Дел од репликите се однесуваа на улоги и влијанија во минатото, што ја донесе дебатата во лична рамка со ограничено време за детали за рокови, буџети и процедури.

Зачлени се на нашиот е-билтен