Непоканет гостин: Медиумите на авторитарните режими во нашата дневна соба

Преку бесплатни стриминг апликации и ажурирања на паметните телевизори, државните канали како кинескиот CGTN тивко добиваат пристап до европските и балканските домаќинства – без да ги избереме.

Џабир Дерала

Пред неколку дена, по ажурирањето на мојот Philips Android TV, се случи нешто неочекувано. На почетниот екран се појави нова апликација – инсталирана автоматски – „бесплатна стриминг телевизија“ (FAST), која нуди десетици канали бесплатно. Сакајќи да проверам што тоа толку дарежливо нуди ова ажурирање, кликнав на апликацијата. Она што го најдов беше вознемирувачко: меѓу дваесетина станици, две беа брендирани како CGTN – China Global Television Network.

Нема претплата. Нема специјално пребарување. Едноставно, беа таму, лесно достапни, со притискање на едно копче на далечинскиот управувач.

На прв поглед, ова може да изгледа банално. На крајот на краиштата, телевизорите се преполни со апликации, реклами и случајни канали. Но, колку повеќе размислував, толку повеќе сфаќав дека ова не беше случајна погодност. Тоа беше потсетник колку глобалните борби за моќ продреле длабоко и се вгнездиле во нашите дневни соби – и како влијанието денес патува не само преку вообичаени пропагандни медиумски канали, амбасади или трговски договори, туку и преку менијата за стриминг и софтверските ажурирања.

Што е FAST?

Акронимот FAST значи Free Ad-Supported Streaming Television. Замислете го како кабловска телевизија повторно измислена за дигиталната ера: десетици или стотици канали, што емитуваат во живо преку интернет, бесплатно за корисникот, а финансирани преку реклами.

FAST сервисите се шират со молскавична брзина. Во САД, платформи како Pluto TV, Samsung TV Plus, Tubi или Plex нудат илјадници бесплатни канали. Во Европа, компании како Rakuten TV и понови оперативни системи како Titan OS (сега интегрирани во Philips телевизорите) го следат истиот пат. Индустриските извештаи наведуваат дека некои платформи веќе нудат повеќе од 500 бесплатни канали на европските пазари, опфаќајќи забава, спорт, животен стил и – најважно – вести.

Очигледно, тие се многу привлечни. Нема претплата, пристапот е моментален, интерфејсот ја имитира едноставноста на традиционалната телевизија. За корисниците што се откажуваат од кабелски оператори и за оние што внимаваат на трошоците, ова изгледа како подарок. Но секој „подарок“ има цена – во овој случај, изложеност на оние што добиваат простор на овие платформи.

CGTN во FAST екосистемот

CGTN не е само уште еден радиодифузер. Тоа е меѓународната дивизија на China Media Group, која директно ја надгледува пропагандниот оддел на Комунистичката партија на Кина. Мисијата на CGTN на глобално ниво е „ добро да ја раскаже приказната за Кина“ – што во пракса значи обликување на наративи што ги поддржуваат геополитичките интереси на Пекинг.

Пронаоѓањето на CGTN во новата FAST апликација на мојот телевизор не беше грешка. Моето истражување ми донесе неколку, според мене, алармантни сознанија. Низ цела Европа, CGTN и неговата сестринска програма CGTN Documentary се вклучени во понудата на Rakuten TV, достапни во Ирска, Литванија, Србија и Бугарија. На некои Philips уреди со Titan OS или Android/Google TV, овие канали се дел од стандардните „бесплатни“ вести.

Во Србија, на пример, гледачите што прелистуваат низ бесплатните канали на Rakuten TV ќе ги најдат CGTN и CGTN Documentary рамо до рамо со меѓународна и регионална забава. Во Бугарија и Литванија, истите канали се појавуваат интегрирани во редовниот избор. Дури и во Ирска – далеку од непосредната сфера на кинеско влијание – CGTN е дел од листата на „бесплатни“ вести.

Овој пример покажува дека она што се појави во мојата дневна соба е дел од внимателно креирана стратегија: користење на FAST агрегатори за да се обезбеди глобална видливост, заобиколувајќи ги традиционалните кабловски договори или регулаторните процедури.

Пошироката слика: странски медиуми во стандардните менија

Ова не е уникатно за Кина. Руските државни медиуми, сè додека не беа ограничени во ЕУ по инвазијата врз Украина, ја следеа истата патека. И други влади дистрибуираат свои меѓународни канали. Но клучната разлика лежи во намерата и контролата. CGTN не е независен медиум – независноста би била невозможна под цврстиот стисок на Забранетиот град. Тој е, напротив, директен орган на кинеската држава.

Генијалноста – и опасноста – на FAST дистрибуцијата е нејзината невидливост. За разлика од сателитскиот пакет, што бара активна одлука за претплата, FAST каналите едноставно се таму. За обичен гледач што прелистува низ опциите, разликата меѓу CNN, Euronews, Bloomberg и CGTN можеби не е очигледна. Самото присуство на овие канали на истата листа им дава привид на легитимитет.

Вака функционира „меката сила“ во 21 век – преку суптилни вметнувања во екосистемите што секојдневно ги користиме.

Зошто ова е важно?

Во земји со развиена медиумска писменост и силни регулаторни рамки, гледачите можеби ќе слегнат со раменици и ќе продолжат понатаму. Но во региони каде што медиумските екосистеми се кревки – како на Балканот – импликациите се поинакви.

Она што ваквите операции на влијание го постигнуваат е пополнување на празнините на довербата. Како? Па, традиционалните медиуми често имаат ниски рејтинзи на доверба. Кога гледачите ќе налетаат на странски канали брендирани како „вести“, тие може да ги консумираат некритички.

Понатаму, станува збор за натпревар меѓу спротивставени наративи. Во земји како Северна Македонија и Србија, со растечки авторитарни трендови и антизападни чувства, овие „неутрални“ извори на вести се топло добредојдени. CGTN нуди полирано известување за светските настани, но низ леќата на Пекинг — минимизирајќи ги грижите за човековите права, прикажувајќи ја Кина како стабилизирачка сила и често суптилно усогласувајќи се со руските наративи. Таквите наративи му „помагаат“ на балканскиот медиумски консумент да ги потврди своите предубедувања (bias) и да ја прифати „вистината“ што е креирана во пропагандните одделенија на тоталитарните режими, а не произлегува од реалноста на теренот.

Помалите и посиромашните држави се особено изложени, бидејќи нивните регулатори сè уште се обидуваат да ги разберат новите дигитални реалности и се заглавени во старомодни начини на регулирање на медиумскиот пејзаж. Наместо да воспостават ефикасна регулација, тие дополнително го отежнуваат работењето на медиумите и ја оставаат публиката уште поранлива на влијанието на пропагандните центри. Правилата за емитување речиси никогаш не ги опфаќаат FAST апликациите.

Земете ја Србија за пример. Тоа е веќе крајно проблематичен информативен простор каде што доминираат проруски наративи – со Russia Today и Sputnik, забранети во ЕУ и во многу други земји, но сепак емитувани на српски јазик и распространети низ целиот регион. Тивкото присуство на кинеските државни медиуми во стандардните менија за стриминг додава уште еден слој на влијание. Истото се случува и во Бугарија, членка на ЕУ и НАТО, каде што дезинформациите и руските хибридни операции со години ги поткопуваат демократските процеси.

Овие трендови силно се изразени и во Северна Македонија, членка на НАТО и аспирант за членство во ЕУ. Општеството е длабоко поларизирано, а малигното влијание од Истокот е длабоко вкоренето. Така, овие бесплатни канали стануваат повеќе од безопасна бучава во позадина. Тие се претвораат во вектори на легитимитет за авторитарната приказна, вградени во истиот интерфејс каде што семејствата гледаат спорт, цртани филмови или холивудски продукции.

Влијание преку присуство, не преку популарност

Во обид да бидат „објективни“ и „неутрални“, повеќето медиумски експерти не обрнуваат внимание на овие трендови, потпирајќи го своето игнорирање со тврдењето дека ретко кој гледа CGTN на FAST апликации. И вистина е: гледаноста е мала во споредба со низа други канали. Но тие забораваат една многу важна работа: влијанието не доаѓа секогаш од рејтинзите. Тоа доаѓа од присуството и пристапноста, кои го овозможуваат легитимитетот. А тоа е повеќе од доволно.

Фактот што CGTN се наоѓа на истата „линија“ со реномирани глобални медиуми ја замаглува границата на легитимитет. Дури и ако никогаш не кликнат на кинескиот канал, гледачите, барем потсвесно, го регистрираат како еден од многуте легитимни извори на вести. За Пекинг, тоа е победа.

А за оние што сепак ќе кликнат – било од љубопитност или случајно – бариерата исчезнува. Содржината тече директно, обликувана на начин што се усогласува со интересите на кинеската држава.

Транспарентност, регулација и контрола на корисниците

Што треба да се направи? Дали треба да се забрани CGTN? Не. Ова не е повик за цензура — барем засега. Ова е повик за нешто многу поосновно: транспарентност и избор.

Гледачите не треба да бидат вовлечени во операции на влијание без нивно знаење. Дури и од перспектива на обични потрошувачи, луѓето имаат право на заштита. Тие заслужуваат да знаат кој им се обраќа и под чиј мандат. На ист начин како што платформите го означуваат „спонзорираната содржина“, така и FAST сервисите би можеле – и треба – јасно да ги означат каналите што се под државна контрола.

Исто толку важно е и прашањето на контролата. Корисниците треба да можат да одлучат што ќе се појави на нивниот екран. Тоа значи да им се даде опција да скријат или отстранат канали, наместо тие да бидат наметнати во стандардните менија, каде што стојат покрај доверливи медиуми, еднакви по изглед, но радикално различни по цел.

И тука доаѓа улогата на регулаторите. Медиумските закони мораат итно да се усогласат со оваа нова реалност. Традиционалните радиодифузери, па дури и онлајн порталите, веќе подлежат на обврски за транспарентност. Зошто тогаш стриминг понудите да бидат исклучок?

Без такви заштитни механизми, дневната соба станува отворена за странски државни наративи, што влегуваат тивко, непречено и непоканети.

Молкот на експертите и регулаторите

Многу експерти, удобно врзани за донаторски проекти, со одлични хонорари за извештаи, говори и конференции, не чувствуваат потреба да навлезат во овие суптилности или да ја алармираат јавноста и институциите за заканите што тивко се вселуваат во животите на луѓето.

Државните регулатори, пак, премногу често се дел од истата игра – повеќе се грижат за формално усогласување и за привид отколку за соочување со непријатните реалности. Овие институции не се само инертни бирократски машинерии, туку се и високо политизирани (партизирани) и под влијание на прокремљовски и про-Џонгнанхај инсталации, па затоа често намерно остануваат неактивни кога станува збор за вакви прашања.

Многу е можно и оваа анализа да биде игнорирана или – уште полошо – присвоена, исполирана и измазнета, сè додека не биде обезличена и претворена во неефективна и невидлива материја.

Назад во дневната соба

Кога CGTN се појави на новата листа на канали на мојот телевизор, сфатив дека геополитиката тивко се вселила во мојата дневна соба – непоканета. Без сателитска антена. Без пакет-претплата. Само едно софтверско ажурирање.

Тоа е суштината на современите операции на влијание: тивко, без отпор и лесно за игнорирање – сè додека не стане предоцна.

Прашањето не е дали треба да дозволиме кинески канали или не. Прашањето е дали луѓето заслужуваат да знаат кој им зборува, со каков мандат и со каква намера.

Зашто демократијата не се брани само во парламентите или на боиштата. Понекогаш, таа се брани и на почетниот екран на паметниот телевизор или на дисплејот на мобилните уреди.

Извор: ЦИВИЛ МЕДИА: https://civilmedia.mk/nepokanet-gostin-mediumite-na-avtoritarnite-rezhimi-vo-nashata-dnevna-soba/

Зачлени се на нашиот е-билтен