Заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, остро реагираше на најавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека не ја исклучува можноста за испраќање крстосувачки ракети „Томахавк“ во Украина. Во објава на Телеграм, Медведев предупреди дека ваков потег би можел да има сериозни последици и потенцијално да доведе до нуклеарна ескалација.

„Трамп рече дека ако Путин не го реши конфликтот, тоа ќе заврши лошо за него. Накратко, се заканува по стоти пат. Но, испораката на ‘Томахавк’ може да заврши лошо за сите, а најмногу за самиот Трамп“, напиша Медведев, додавајќи дека е невозможно да се разликува нуклеарен од конвенционален „Томахавк“ во лет.
Американскиот претседател Трамп, пак, изјави дека ќе разговара за можноста со Москва и дека оружјето е „неверојатно и многу моќно“. Тој истакна дека „на Русија тоа не ѝ е потребно“, но дека Украина има право да се брани. Во последните недели, украинскиот претседател Володимир Зеленски повторно побара вакви ракети од САД, нагласувајќи дека тие би биле користени исклучиво против воени цели.