Втората меѓународна конференција „Филозофија и филм“ (Philosophy and Film), ќе се одржи денеска и утре (25-26 мај) во онлајн формат од 14 часот до 20 часот и истата ќе може да се следи на зум платформата.
На Конференцијата која што е организирана во шест сесии ќе земат учество 24 реномирани истражувачи во полето на филм-филозофијата од целиот свет (САД, Канада, Романија, Босна и Херцеговина, Шведска, Италија, Швајцарија, Турција, Шпанија, Велика Британија, Ирска, Португалија, Унгарија, Србија, Украина, Грција, Хрватска и Македонија).
Кеynote говорители на Конференцијата ќе бидат светски познатите во ова подрачје на истражување, Дејвид Стерит (David Sterritt) и Луси Болтон (Lucy Bolton).
Конференцијата е интегрален дел на Филозофскиот филмски фестивал чијашто Главна програма на 13-тото издание ќе се одржи во периодот 2-9 јуни во Кинотеката на С. Македонија. Годинава Фестивалот во својот фокус го има Годар, па соодветно на тоа и инаугуралната сесија е посветена токму на творештвото на овој филмски великан.
Конференцијата е биенална и за наредната година е планирано излегување на Зборник текстови од Конференцијата (по примерот на интернационалниот Зборник кој произлезе од Првата меѓународна конференција во рамките на Фестивалот во 2021 година). Работен јазик на Конференцијата е англискиот јазик.
Конференцијата може да се следи на следниот линк: https://us06web.zoom.us/j/85839400840…
Филозофскиот Филмски Фестивал е единствениот филмски фестивал во Македонија и регионот што се одвива на крстопатот помеѓу филозофијата и филмот, и еден од ретките во светот коишто работат во областа на филм-философијата.
Фестивалот е во организација на Филозофското друштво на Македонија, и ќе се одржи со поддршка на Агенцијата за филм и Министерството за култура на Р.С. Македонија, во соработка со Кинотеката на С. Македонија, Филозофскиот факултет при УКИМ во Скопје, Амбасадата на Шпанија во Скопје, како и бројни други долгогодишни соработници и пријатели на Фестивалот .