Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Меѓународниот суд на правдата му нареди на Израел да дозволи повеќе храна и медицинска помош за Газа

Меѓународниот суд на правдата му нареди на Израел да дозволи непречен проток на помош во Газа за да се спречи гладувањето.

Во одлуката што беше донесена едногласно, МСП рече дека Израел мора да дејствува „без одлагање“ за да дозволи „снабдување… на основни услуги за хуманитарна помош кои се итно потребни“, јавува телевизијата Би-Би-Си.

Одлуката на судот во Хаг доаѓа по предупредувањата дека гладувањето може да ја погоди Газа за неколку недели. Израел ги нарече „целосно неосновани“ тврдењата дека ја блокира помошта.

Одговарајќи на наредбата на меѓународниот суд, израелското Министерство за надворешни работи соопшти дека продолжува со „промовирање на нови иницијативи и проширување на постојните“ за да се овозможи континуиран проток на помош за Газа „по копно, воздух и море“.“, во соработка со ОН и други страни.

Понатаму, од министерството велат дека Хамас треба да биде обвинет за ситуацијата во Газа и за започнување на војната.

Во одлуката на Меѓународниот суд на правдата  се наведува  дека Газа „не само што се соочува со ризик од глад“, туку дека „почнува гладувањето“ и дека, според набљудувачите на ОН, 31 лице, вклучувајќи 27 деца, веќе умреле од неухранетост и дехидрација.

Понатаму, одлуката ги истакнува коментарите на високиот комесар на ОН за човекови права, Волкер Турк, кој минатата недела рече дека „ситуацијата на глад и смрт од глад“ е „резултат на обемните ограничувања на Израел за влез и дистрибуција на хуманитарни помош и комерцијални добра, раселување на мнозинството од населението, како и уништување на критична цивилна инфраструктура“.

Новата одлука на МСП дојде откако Јужна Африка побара од судот да ја зајакне наредбата издадена до Израел во јануари да ги преземе сите мерки за спречување на геноцидни акти во Газа.

Иако наредбите издадени од Меѓународниот суд на правдата се правно обврзувачки, на судот му недостасува авторитет да ги спроведе.

Минатата недела, извештајот на меѓународна иницијатива управувана од Светската програма за храна на ОН и други организации предупреди дека во Газа се развива „катастрофална“ ситуација.

Во извештајот се вели дека целото население од 2,2 милиони луѓе во Газа „се соочува со високи нивоа на акутна несигурност во храната“ и се предвидува дека гладот ​​ќе го погоди северниот дел на енклавата пред крајот на мај.

Подготви: Назми Абдурахмани /ЦивилМедиа,

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново