Италија останува верна на Соединетите Американски Држави, но без потчинетост, изјави премиерката Џорџа Мелони во интервју за агенцијата АДНКронос.
„Ние сме одлучни да ги афирмираме нашите интереси, во рамките на традиционалното пријателство со САД, со лојалност, но без потчинетост“, рече Мелони.
Таа додаде дека премногу пати била мета на „срамни сексистички напади“ и оти во тие ситации молчеле оние кои се залагаат за правата на жените.
„Би рекла дека веќе сум навикната, но не сакам тоа да го кажам, бидејќи не смееме да се навикнуваме на вакви работи. Не поради мене, туку затоа што тоа не е прифатливо“, истакна италијанската премиерка, пренесува Анса.
Како „еден од последните плодови на добрите односи“ со претседателот на САД Доналд Трамп таа ја истакна неговата најава за обнова на Денот на Колумбо, празник важен за италијанско-американската заедница.
„Во име на Италијанците, му благодарам на претседателот на САД за оваа одлука, порача Мелони.
Во врска со нејзиниот однос со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, таа го опиша како „воспоставена соработка и однос на почитување“, нагласувајќи дека имале различни гледишта, но дека ги насочиле кон добри резултати, особено во врска со инвестициите во европската одбрана.
Италијанската премиерка додаде дека верува дека е потребен „чекор напред“ во преобликувањето на Зелениот договор, за да не претставува товар за конкурентноста на италијанските компании.
Во врска со односите со францускиот претседател Емануел Макрон, Мелони изјави дека Италија и Франција, како две големи европски нации, имаат заеднички интереси, но и „здрава конкуренција“ во многу сектори.
На прашање за иднината, таа нагласи дека нејзината цел е „целосно спроведување на програмата на десниот центар“, со ветување дека повторно ќе им се обрати на гласачите со конкретни резултати. Во однос на вработувањето, Мелони најави дополнителни 650 милиони евра за таа област.
„Ќе се сретнеме на 8 мај со социјалните партнери за да разговараме за владините предлози“, информира италијанската премиерка.