МЕПСО и КОСТТ потпишаа меморандум за соработка за изградба на нова интерконекција Тетово-Призрен

Во Скопје денеска директорите на електропреносните оператори на Северна Македонија и на Косово потпишаа меморандум за соработка за изградба на нов 400 kV интерконективен далекувод од Тетово до Призрен.

Проектот, како што информираше АД МЕПСО, е во согласност со целите на ЕУ за енергетска транзиција до 2050 година и е номиниран како кандидат за зголемување на преносните капацитети преку европската планирачка платформа на ENTSO-E.

Северна Македонија и Косово во моментов имаат само една интерконекција, но според анализите на ENTSO-E, во регионот на Југоисточна Европа, потребно е значително зголемување на преносните капацитети, барем двојно, а во некои случаи и повеќе.

Проектот вклучува и дополнителни инвестиции во домашната преносна мрежа, како изградба на нова 400/110 kV трансформаторска станица во Тетово и нови 400 kV далекуводи од Тетово кон Охрид и кон Скопје.

„Потпишувањето на меморандумот е значаен чекор во зајакнување на нашата регионална соработка и развој на електропреносната мрежа. Проектот за 400 kV далекувод Тетово- Призрен не само што ќе го зголему капацитетот и сигурноста на системот, туку ќе овозможи и поголема размена на електрична енергија, поттикнувајќи нови инвестиции во ОИЕ“, истакнал директорот на МЕПСО, Бурим Љатифи.

Двајцата директори се согласиле дека овој проект ќе креира регионална преносна инфраструктура со повисок капацитет, поголема прекугранична размена на електрична енергија, зајакнување на енергетскиот коридор Исток-Запад, подобрена сигурност и флексибилност на системот и поттик за нови инвестиции во ОИЕ.

„Овој меморандум ја потврдува соработката меѓу Косово и Северна Македонија и нашата заедничка посветеност кон создавање модерна и сигурна енергетска инфраструктура. Со овој проект ја јакнеме енергетската поврзаност во регионот и придонесуваме кон постигнување на енергетските цели на Западен Балкан“, нагласил директорот на КОСТТ, Шабан Незири.

Од АД МЕПСО информираат дека во моментот проектот е во фаза на планирање и техничка подготовка, а почетокот на изградба ќе зависи од обезбедувањето на финансиски средства и од потребните усогласувања со сите засегнати страни.

Зачлени се на нашиот е-билтен