Смее ли МИА да пропагира радикални политички идеологии?

„Мајки за слобода“

Во последните неколку месеци Медиумската информативна агенција (МИА), зачестено објавува антиваксерски текстови и интервјуа, текстови за „традиционалните“ семејни вредности, за улогата на жената во семејството и во општеството, за парадоксите на дарвинизмот со импликации за „живот после смртта“, како и серијали од текстови за црковни празници, за поклонички патувања на свети мест, за свети ликови на црквата, доминантно, ако не и целосно од православното христијанство. Се прашавме Смее ли МИА да пропагира радикални политички идеологии?

Зоран БОЈАРОВСКИ

Во текстовите кон кои го свртуваме вниманието, вести и интервјуа, проминентно се пропагира конзервативната, десничарска, крајно десничарска идеологија. Тоа и не е некое прашање од интерес за јавноста доколку се работеше за медиум, во овој случај новинска агенција, како и сите останати се слободни да изберат какви идеологии и вредносни системи ќе застапуваат, доколку изберат да не бидат независни.

Но, во случајот на МИА станува збор за агенција којашто, според моделот на останатите национални државни или јавни новински агенции, треба да го применува принципот на јавен интерес и неутралност во однос на креирањето сопствени медиумски содржини, а истиот принцип би требало да го применува и во однос на пренесувањето новинарски текстови од другите светски агенции или медиуми.

На веб страницата на МИА нема да најдете содржина за уредувачката политика на агенцијата, што е невообичаено за национални агенции. Некои од поголемите, на кои треба да се угледува МИА, имаат цели томови за уредувачките политики и кодекси за работата на новинарските тимови.

Можеби тоа е една од „пукнатините“ низ кои поминуваат во последните неколку месеци антиваксерски текстови и интервјуа, текстови за „традиционалните“ семејни вредности, за улогата на жената во семејството и во општеството, за парадоксите на дарвинизмот со импликации за „живот после смртта“, како и серијали од текстови за црковни празници, за поклонички патувања на свети мест, за свети ликови на црквата, доминантно, ако не и целосно од православното христијанство.

Антиваксерска кампања

Само во последните триесетина дена МИА објави три антиваксерски интервјуа: „Неврохирургот од САД, Мајкл Егнор, ексклузивно за МИА: Свеста не умира со човекот, душата и умот остануваат и кога мозокот ќе умре!“, (7 септември); „Ексклузивно за МИА, д-р Халшер, епидемиолог од САД: Имаме епидемија на ретки турбо канцери по вакцинирањето против КОВИД, ова се новите шокантни докази!“ (28 септември); „Шокантно интервју на д-р Роберт Малоун за САРС КОВ 2 и Ковид вакцините: Ова е најголем експеримент со луѓето во историјата на човештвото!“ (2 октомври).

Сите се ексклузивни и сите ги води главниот уредник на МИА. Понекогаш „му помага“ колешка од редакциијата, како на пример овој текст „Светски познатиот вирусолог, д-р Ванден Бош ексклузивно за МИА: Масовното вакцинирање против КОВИД ќе го принуди вирусот да стане поопасен“, (22 септември), но сите се во кругот на антиваксерските кампањи.

Но, не ги поврзува само тоа. Ги поврзува и припадноста кон заговорите против вакцинирањето кои достигнаа врв за време на Ковид пандемијата.

На пример др. Николас Халшер, еден од интервјуираните во МИА, е еден од авторите на „студијата“ со која се обиде да докаже дека врз основа на аутопсија на 300 починати од Ковид вирусот причината за смртта била вакцината. „Студијата“ ја објавиле во „научното списание“ Science, Public Health Policy and the Law.

Проверувачите на факти докажаа дека не станувало збор за реномирано списание, туку за веб-страница создадена во 2019 година која во континуитет промовирала непроверени или контроверзни ставови за вакцините воопшто, а особено во врска со вакцините и третманите против COVID-19.

За д-р Роберт Малоун, пак, иако има импозантна научна биографија, во 2021 година медиумите го критикуваа за пропагирање на дезинформации и теории на заговор за COVID-19, вклучително и давање „опасни“ и погрешни тврдења за токсичноста на протеините на шилците генерирани од некои вакцини против COVID-19. Посебно беше критикуван заради користење интервјуа во медиумите за популаризација на лечење на ковид дијагнозите со ивермектин, како што го прави тоа и во интервјуто за МИА.

Тоа што МИА освен ексклузивниот разговор со Малоун го дополнува со друго интервју на овој научник за „Њу Американ“, ја заокружува сликата за идеолошкиот бекграунд на експертите што ги пласира нашата агенција.

„Њу Американ“ е десничарско, понекогаш опишано како крајно десничарско, печатено списание кое се издава еднаш месечно и дигитален извор на вести и други содржини што секојдневно се објавува онлајн од „Американ Опин Паблишинг, Инк.“

Вртиме десно, десно за да стигнеме до мајките

Пред два дена МИА објави информација дека во Охрид е лансирано движењето „Мајките за Македонија“ како дел од „Мајки за слобода-светска мрежа“, меѓународно движење што ќе има за цел активно да работи за воздигнување на мајчинството, охрабрување на жените да станат мајки, промоција на активности за помош за оние жени кои веќе имаат деца како и на оние кои допрва ќе станат мајки. На оваа меѓународна мрежа „Мајки за слобода“ која практично прв пат токму тука од Охрид стартува на глобално ниво, се приклучуваат и други 17 држави низ светот.

Личи како на голем настан.

Но, дури да се стигне до Охрид и до лансирањето на „Мајките за Македонија“ МИА ја подготви јавноста со две содржини: „Кимберли Флечер од „Мајки за Америка“, ексклузивно за МИА: Семејството ќе ги спаси и Америка и светот, тоа е една од работите што ги сакам кај Трамп“ и со „Кимберли Флечер на „Јас сум жена“: Имате лидерство што ја носи земјата во правилна насока, сега е моментот движењето на мајките да застане заедно со креаторите на политики“.

Две во едно – Трамп и Мицокоски, кој, каква случајност, истите денови, ако не и истиот кога се одржа настанот „Јас сум жена“ со Кимберли Флечер, изјави: Формирањето семејство, формирањето многудетно семејство е највисок патриотски чин на еден народ за сопствената татковина.

Но, која е Кимберли Флечер и зошто МИА ѝ отстапи толку простор, нејзе и на движењето „Мајките на светот“.

Кимберли Флечер е основачка и претседателка на „Мајките за Америка“, асоцијација која е дел од националните мрежи на „Мајките за слобода“.

„Мајки за слобода“, пак, е американска политичка организација која се залага против училишните наставни програми во кои се споменуваат ЛГБТК правата, расата и етничката припадност, критичката теорија на расата и дискриминацијата. Повеќе ограноци, исто така, водеа кампања за забрана на книги што се занимаваат со родот и сексуалноста од училишните библиотеки. Основана во јануари 2021 година, групата започна со кампања против одговорите на COVID-19 во училиштата, како што се задолжителните маски и вакцинацијата. „Мајки за слобода“ е влијателна во рамките на Републиканската партија.

„Мајки за слобода“ отворено застапуваат став дека треба да се забрануваат, па дури и да се запалат некои книги.

„Мајки за слобода“ е различно опишана како конзервативна, популистичка, реакционерна, екстремистичка и крајно десничарска група. Групата е критикувана за вознемирување, за продлабочување на поделбите меѓу родителите, за отежнување на образованието на учениците и за блиски врски со Републиканската партија. Сега е јасно зошто Кимберли Флечер го сака Трамп и зошто семејството ќе ги спаси Америка и светот, а со светот и Македонија се разбира.

Инаку, ако веќе станува збор за семејсните вредности, Бриџит Зиглер, една од трите основачки „Мајките за слобода“, во 2023 година призна дека имала секс во тројка со својот сопруг Кристијан и друга жена. Таа жена поднела обвинувања за силување и сексуален напад против сопругот на Зиглер, Кристијан Зиглер, кон крајот на ноември 2023 година. Во тоа време Кристијан бил претседател на Републиканската партија на Флорида.

Зачлени се на нашиот е-билтен