Непримерно било оценето меѓу гостите доцнењето од цели 90 минути на приемот на германската амбасадорка Петра Дрекслер, приереден по повод Денот на германското обединување во германската амбасада.
Амбасадорката Дрекслер, со целиот персонал на амбасадата го чекале Мицкоски до 20:10, бидејќи било најавено дека ќе дојде, пишува Горан Михајловски во неговата колумна на порталот „Сакам да кажам“.
Било планирано дури и амбасадорката Петра Дрекслер специјално да го поздрави, бидејќи тоа било напишано на видеоѕидот.
Мицкоски се појавил околу 20:30 часот, ги пропуштил химните и говорот на амбасадорката, а и гостите веќе започнале да си заминуваат.
Останува нејасно зошто премиерот доцнел 90 минути на свечен настан во амбасадата на еден од најголемите партнери на земјава во ЕУ. По своето доцнење претходно беше познат и премиерот Никола Груевски, па останува нејасно дали и каква порака испраќа Мицкоски до Германија.