Мицкоски е опозиција или власт?!?

Мицкоски е опозиција или власт?!?

Мицкоски е опозиција или власт?!? Прашањето кое останува отворено е дали Владата конечно ќе покаже капацитет за институционални реформи или довербата во судството и натаму ќе остане заложник на политички пораки и најави без реализација.

Љубиша НИКОЛОВСКИ

Ретко кога премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на опозицијата Венко Филипче се согласуваат околу оценките за состојбата во судството. Но овој пат и двајцата прифаќаат дека граѓаните се незадоволни, но разликите доаѓаат во објаснувањето на причините и во тоа кој ја носи одговорноста.

Премиерот Мицкоски изјави: „Народот е разочаран. Апатијата се зголемува. Довербата во правна држава ја нема. Надежта се губи.“

Да не го гледавме како тоа го изговара ќе си помислевме дека тоа Филипче зборува од него. Но ако се потсетиме ќе видиме дека тоа е реториката која Мицкоски ја користеше и како опозиционер, критикувајќи ги претходните влади за неуспехот во реформите. Со тоа ја стекна довербата кај граѓаните и победи на парламентарните избори-ветувајќи промени.

Еве, сега, како премиер, најавува дека ако до Нова година не се преземат конкретни чекори против корупцијата, неговата влада ќе започне „одлучни акции“ и промени „од корен“. Дополнително, ВМРО-ДПМНЕ ја насочи вината кон поранешните владејачки структури, обвинувајќи дека „клановите“ на Зоран Заев и Али Ахмети ја контролирале судско-обвинителската власт!

Не е прв пат Мицкоски да најавува „решителни акции“. Слични закани и ветувања се повторуваат веќе подолг период, без видливи резултати. Повеќе од тоа, начинот на кој ги најавува, преку коренити промени „со сила“ – отвора дилема за методот: Како премиерот замислува да го изведе тоа? Преку закони и институции, или со политички притисок врз независната судска власт? Ова прашање останува неодговорено и создава впечаток на реторика без јасен план. Дополнително, методот на „коренити промени со сила“ е проблематичен во демократска рамка.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, возврати дека ваквиот пристап е проблематичен. Според него, недозволиво е премиерот да зборува како аналитичар, без да преземе одговорност за реформите. Филипче нагласи дека Владата располага со широко парламентарно мнозинство и нема пречки да спроведе промени, но досега не е направен ниту еден чекор. Тој потсети дека согласно Планот за раст, европскиот финансиски инструмент кој обезбедува значителна поддршка за земјите од Западен Балкан, до јуни 2025 требаше да се донесат седум закони, а до крајот на годината уште пет. До денес, во Собранието не е поднесен ниту еден, што веќе резултира со губење на дел од предвидените европски средства.

Ставот на Филипче укажува на еден суштински проблем: реформите во правосудството не се само домашна политичка тема, туку и услов за пристап до европските фондови. Европската унија го поврза „Планот за раст“ со конкретни реформи, особено во владеењето на правото. Тоа значи дека секое одложување или блокада директно ја намалува финансиската поддршка која земјата може да ја добие.

Мицкоски, пак, преку повторливите закани за „коренити промени“, повеќе го насочува фокусот кон политичките противници од минатото отколку кон конкретниот законодавен процес кој треба да обезбеди пристап до европските средства. Ова отвора прашање: Дали Владата ќе ја искористи поддршката од Брисел за да спроведе структурни реформи, или пак реформскиот процес повторно ќе се претвори во внатрешно-политичка пресметка.

Иако согласноста е очигледна: и власта и опозицијата признаваат дека довербата во правосудството е на најниско ниво, разликата е клучна и ја дефинира одговорноста:

Мицкоски ја префрла вината наназад, кон „старите центри на моќ“, иако е на власт повеќе од една година. Со тоа остава впечаток дека владата е набљудувач на состојбите, а не активен носител на промените. Дополнително, неговите „стоа пати“ повторени закани без имплементација ја еродираат довербата во искреноста на реформската агенда.

Филипче нагласува дека токму ова е проблемот: Владата има огромно мнозинство и европска поддршка, но нема политичка волја. Наместо резултати, се трошат времето и средствата врз политичка реторика.

Европската димензија ја става тежината на реформите во конкретна рамка- без закони во Собранието, Македонија губи финансиска поддршка и ја загрозува својата евроинтегративна динамика.

Прашањето кое останува отворено е дали Владата конечно ќе покаже капацитет за институционални реформи или довербата во судството и натаму ќе остане заложник на политички пораки и најави без реализација.

Зачлени се на нашиот е-билтен