Во текот на дискусиите за зголемување на минималната плата, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека, ако работодавачите и работниците се договорат за минималец од 450 евра, Владата ќе го прифати ова решение.
„Од аспект на централниот буџет, поголемата минимална плата значи и поголеми приходи, но ние не сакаме да се мешаме. Ќе ги оставиме работодавачите и работниците да се усогласат меѓу себе“, изјави Мицкоски.
Премиерот објасни дека зголемувањето на минималната плата ќе падне како товар на работодавачите, додека Владата ќе има корист од поголемите приходи во буџетот. Сепак, тој нагласи дека проблемот лежи во тоа дали работодавачите можат да си дозволат ова зголемување.
Од синдикатот, пак, истакнуваат дека работниците повеќе не можат да живеат со мизерни плати. Тие додаваат дека во земјите од регионот минималната плата е значително повисока. Во Србија, минималецот наскоро ќе достигне 454 евра, во Босна 600 евра, а во Црна Гора се очекува да биде 600 или 800 евра, во зависност од степенот на образованието на работникот.
Мицккоски во предизборната кампања вети разговор со синдикатите уште во првите 100 дена од формирањето на владата и покачување на минимлецот на 450 евра.