Премиерот Христијан Мицкоски денеска одби директно да го коментира инцидентот од вчерашната посета во Тетово, кога на министерката за образование Весна Јаневска ѝ беше поставено провокативно прашање дали носи преведувач, а наместо тоа избра да го омаловажи новинарот. „Ако некој одлучил да прави естрада и циркузант од себе, дозволете му“, рече Мицкоски, додавајќи дека има луѓе што „не заслужуваат коментар“. Со тоа, премиерот не понуди став за суштината на настанот, туку ја спушти целата работа на ниво на етикета и лична дисквалификација.
Инцидентот се случи при посетата на реконструираното училиште „Моша Пијаде“ во Тетово, кога Јаневска на прашањето дали носи преведувач одговори: „Не ми треба преведувач и не знам кому му треба преведувач во Македонија за македонски јазик.“ По тој одговор, новинарот продолжи со дополнителна забелешка дека претходно ѝ било кажано при доаѓање во Тетово да земе преведувач. Целата сцена брзо се претвори во уште еден медиумски судир околу јазикот, наместо во разговор за образованието, училиштата, реформите и резултатите во ресорот што Јаневска го води.