И ние како ВМРО-ДПМНЕ, како одговорна државотворна партија ќе направиме една резолуција – вистинска. Еве како подлога ќе ја искористиме оваа резолуција и преку собраниските комисии после завршувањето на локалните избори ќе формираме т.н. македонска резолуција која што ќе има за цел да ги штити македонските национални интереси.
Ова е дел од коментарот на премиерот Христијан Мицкоски на предлог резолуцијата на СДСМ за заедничките државни и национални позиции за продолжување на преговорите за членство на Македонија, што денеска ја објави претседателот на СДСМ Венко Филипче.
Тој вели дека имал кратко време да го прочита документот што СДСМ го достави во Собранието и немал време да навлезе во детали, бидејќи за него ќе се дискутира после изборите.
Сепак, рече тој, од она што успеал да го види имало доста работи што тие сметаат дека би допринеле во квалитетот на самата резолуција.
Иако, како што рече, имал кратко време да ја прочита предлог-резолуцијата, не пропушти да ја критикува со тоа што за неколку точки кои се во самата преамбула на резолуцијата оцени дека погрешно го интерпретираат контекстот.