Премиерот Христијан Мицкоски порача дека државниот обвинител Љупчо Коцевски „имал шанса, но не ја искористил“, реагирајќи на неговата изјава дека одлуката за негово разрешување е политички мотивирана. Изјавата ја даде на новинарско прашање, непосредно по настапот на Коцевски во кој тој тврдеше дека е жртва на политички притисок.
„Не очекуваме од јавниот обвинител да каже ‘да, виновен сум, не успеав во својата работа’. Тоа што го кажува е очекувано. Аргументите јавноста ги гледа, јавноста сведочи за неговата работа, за работата на обвинителството, на судовите. Тој е заробеник меѓу малкумината во обвинителството. Имаше можност, имаше шанса, за жал, не ги искористи“, изјави Мицкоски, оставајќи на јавноста да процени кому повеќе да му верува – на политичката одбрана на обвинителот или на резултатите од неговиот мандат.
Со ова премиерот практично го заостри фронтот со првиот човек на Јавното обвинителство токму во момент кога во јавноста расте притисокот за персонална и институционална одговорност во серија чувствителни случаи, од корупциски истраги до предмети со големо јавно внимание. Коцевски, пак, своето разрешување го гледа како обид да се замолчи обвинителството, додека владата сигнализира дека проблемот е токму во (не)искористените шанси за реформи и резултати.

