Мицкоски мисли дека ВМРО-ДПМНЕ е продолжение на историското ВМРО, негов легитимен и идеолошки наследник

Во обраќањето по повод јубилејот – 35 години од формирањето на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски напомена дека овој ден не е само празник, туку е и повик на одговорност, повик на надеж и заедништво.

„ВМРО-ДПМНЕ е легитимен и идеолошки наследник на ВМРО. Она што оваа партија ја разликува од другите е нејзината непоколеблива вера во народот, во неговите вредности и во правдата како наш најсилен стожер. И затоа овие бели и мудри глави кои денес се заедно со нас, но и многумина кои веќе не се со нас, но чие дело го паметиме, ја потврдуваат историската грамадност на оваа организација која постела, постои и ќе продолжи да постои за нашата единствена и најголема кауза – Македонија“, потенцира Мицкоски.

Според Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ е повеќе од политичка организација. Таа е жив дух, потекло и продолжение на македонската борба за слобода и правда, партија која стои на темели на храброст, достоинство, родољубие и чесност, партија во чии штабови и на чии настани се уште се живи приказните и се раскажува за жртвата на Христо Узунов, се поклонува пред делото на Гоце Делчев, се памтат херојските дела на Александро Турунџев, Ѓорче Петров, Никола Карев.

„Со неизмерна чест и одговорност стојам пред вас на овој ден кога одбележуваме 35 години од основањето на нашата партија — нашата голема, наша вечна идеја. Идејата која не прекинува, која не паѓа, која гори во срцата на секој од нас. Нашата партија, како легитимен и идеолошки наследник на историското ВМРО од 1893 година, ги носи товарот и светлината на една борба што трае повеќе од век и половина, од првите денови на Внатрешната македонска револуционерна организација која се крена против неправдата и угнетувањето па до денес, кога ние се бориме против невидливи, но не помалку опасни непријатели – корупцијата, предавствата и уништувањето на институциите, рече Мицкоски.

Одбележувањето на партискиот јубилеј е под мотото „Идеја што не запира, вредности што носат промени“, а се одржува во Хераклеја Линкестис кај Битола. Почна со инотнирање на македонската химна по што беа изведени и изворни македонски песни. На чествувањето присуствуваат членови, симпатизери, основачи и високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, членови на Владата и коалициски партнери.

Зачлени се на нашиот е-билтен