Мицкоски молчи за обесштетувањето за трагедијата во Кочани

епидемија

Премиерот Христијан Мицкоски седеше во првиот ред во Собранието и ги слушаше родителите на загинатите и повредените во трагедијата во Кочани како бараат правда, одговорност и обесштетување – но кога излезе од салата, одбра да молчи токму за најболното прашање: финансиската помош од државата.

Семејствата пред пратениците потсетија дека државата по трагедијата во тетовската модуларна болница за неколку месеци донесе две одлуки за финансиска поддршка, додека нивното барање за обесштетување за пожарот во „Пулс“ останало без одговор. Рекоа дека поднеле официјално барање и дека им било кажано оти одговор ќе добијат по завршување на изборите, но и еден месец по изборите – молк. Затоа чувствуваат дека се дискриминирани во однос на другите жртви на државни пропусти.

На прашање на новинарите по излегувањето од Собранието дали ќе има финансиска помош за семејствата од Кочани, премиерот одговори кратко: „Не би сакал за тоа да коментирам.“ Со тоа експлицитно ја избегна темата за обесштетувањето, иако токму таа стана едно од клучните барања на родителите во нивната борба за правда.

Иако не сакаше да зборува конкретно за обесштетувањето, Мицкоски уверуваше дека ќе стори сè што е во негова моќ „оние кои што се лекуваат да ја добијат онаа нега која што е потребна“. Притоа ја префрли топката и кон Собранието, потсетувајќи дека секој пратеник може да поднесе амандман за измени на закони кои би овозможиле поинаков модел на обесштетување и поддршка – но, како што рече, досега никој од оние што најгласно зборуваат за правда не предложил ништо конкретно.

Премиерот повторно ја повтори тезата дека „правда на анкетна комисија не може да има“ и дека вистинската правда може да се очекува само во рамки на судски процес. Објасни дека токму по барање на обвинителот не учествува во расправата на анкетната комисија, бидејќи, според оценката на обвинителството, секое изнесување факти во тој формат може да ѝ наштети на истрагата.

Во одбрана на својата позиција Мицкоски нагласи и дека со самото присуство на целиот државен врв на седницата за „Пулс“ се демантирале, како што рече, „лажните слики“ на опозицијата дека властите ќе ја бојкотираат Комисијата и ќе бегаат од соочување со родителите. Тој двапати повтори дека со тоа што дошле, покажале почит кон семејствата и дека политичките обвинувања за нивно бегство од одговорност се само „растурање пердуви“..

Но токму таму се отвора најосетливата дилема: дали државниот врв е подготвен да се појави пред родителите само за да ги слушне, или е подготвен и да донесе конкретни одлуки – меѓу нив и финансиска компензација – како признание дека системските пропусти имаат цена што не смее повторно да ја платат граѓаните? Контрастот меѓу внимателно избалансираните изјави за „правда преку судот“ и одбивањето да се проговори за обесштетувањето ја продлабочува недовербата на семејствата, кои веќе еднаш беа заборавени во институционалната тишина.

Додека судските процеси за „Пулс“ штотуку почнаа, анкетната комисија и јавните настапи на политичарите стануваат тест не само за тоа кој како ја чита правната рамка, туку и за тоа дали државата има волја да го признае сопствениот дел од моралната и материјалната одговорност. Во тој контекст, реченицата „Не би сакал за тоа да коментирам“ звучи многу подолгу од краткиот одговор – како знак дека најболното прашање, обесштетувањето, и понатаму останува турнато под тепих на „процедурите“.

Зачлени се на нашиот е-билтен