Премиерот Христијан Мицкоски јавно призна дека Владата активно бара начин како да го смени државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски – и тоа не само со политички притисок, туку со „правни механизми“ кои би го поместиле од функцијата. Во настапот пред новинарите Мицкоски отиде и чекор подалеку, опишувајќи дел од судиите и обвинителите како кадар кој „со кран не можеш да го мрднеш од фотелјата“, алудирајќи дека системот е нефлексибилен и заглавен во лични комодитети.
„Битно е дека дојдовме до констатацијата, а сега треба да видиме правниот процес како е, за да не остане дилема и утре во некој извештај да не пишува дека Владата направила нешто спротивно“, рече Мицкоски, објаснувајќи дека се бара „точниот пат“ за разрешување на Коцевски. Со ова јасно стави до знаење дека политичката одлука е веќе донесена – останува само да се најде формула како да се спакува во правна процедура.
Коцевски, пак, возврати дека вакви јавни настапи од премиерот ги слуша со месеци и дека неговата работа може да се мери низ резултатите: од МВР, вели, пристигнал прилив од околу 14.000 предмети, а јавните обвинители ги решиле сите. За него, изјавите на Мицкоски се чист политички став – обид да се создаде впечаток за неефикасно обвинителство како алиби за политичка интервенција врз функцијата.
Паралелно со нападот кон Коцевски, Мицкоски отвори и фронт со дел од судиите и обвинителите. Според него, дел од нив бараат уште повисоки плати и буџет, иако, како што тврди, македонското судство веќе има финансиски услови подобри од оние во 75 отсто од земјите-членки на ЕУ. „Има претседатели на судови со плата околу 3.000 евра месечно. Јас како премиер имам 155 илјади денари. А тие сакаат и 5.000 евра“, изјави Мицкоски, навестувајќи нов судир околу судскиот буџет и финансиската независност на правосудството.
Сликата што ја црта премиерот е јасна: заглавено судство, каде дел од судиите и обвинителите „се залепени“ за фотелјите, не даваат резултати, а бараат привилегии. Но зад острата реторика се отвора и друга, многу посериозна дилема – како изгледа односот извршна власт – правосудство во држава што тврди дека сака да стане членка на ЕУ. Намерата „да се најдат правни механизми“ за смена на конкретен обвинител, изречена од позиција на премиер, неизбежно се чита како политички притисок врз институција која по дефиниција треба да биде независна.
Мицкоски најави и формирање собраниска комисија што ќе врши надзор врз трошењето на парите во судството и обвинителството. Формално, тоа звучи како контролен механизам за транспарентност. Но во контекст на паралелните изјави дека „со кран не можеш да ги мрднеш“ поединци од фотелја, ризикот е овие алатки да се претворат во политичка алатка за дисциплинирање на непослушни судии и обвинители, а не во инструмент за подобрување на системот.
Во суштина, премиерот испраќа двојна порака: една навнатре, кон судството – дека Владата е подготвена да оди до крај за да го промени врвот на обвинителството; и една кон јавноста – дека тој е на страната на „незадоволните граѓани“ кои сакаат побрза правда. Но без јасни, транспарентни критериуми и аргументи, секој нареден обид да се „пронајде патот“ до разрешување на Коцевски ќе изгледа повеќе како политички реванш, отколку како институционална реформа.
Ако на крајот „тешката механизација“ влезе во судството без европски и уставни заштитни коридори, цената нема да биде само фотелјата на Љупчо Коцевски. Ќе биде довербата во тоа дека јавниот обвинител – кој и да е – работи по закон, а не по волја на премиер.

